Наведувале деца да снимаат порнографски содржини, четворица уапсени во Република Српска, акцијата ја спровеле Македонија и уште 4 земји
Четири лица се уапсени во Република Српска под сомнение дека преку социјалните мрежи разменувале материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца, а контактирале и малолетници, на кои им испраќале фотографии и ги наведувале да создаваат порнографски содржини, пренесуваат локалните медиуми.

Апсењата се спроведени во рамките на меѓународната оперативна акција „Мозаик 2026“, во која учествуваат Министерството за внатрешни работи на Република Српска, Европол и полициските служби на Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Хрватска.
Според МВР на Република Српска, осомничените се товарат за кривично дело искористување деца за порнографија, предвидено во член 175 од Кривичниот законик.
По наредба на надлежните судови, полициските службеници извршиле претреси на пет локации што ги користеле осомничените. Притоа биле одземени мобилни телефони, лаптопи, УСБ-уреди, мемориски и СИМ-картички, како и друга опрема за складирање дигитални податоци.






