Цела година работевте на тутунот, сега внимавајте како го пакувате

Откупната сезона го става во фокус последниот дел од целогодишната работа на тутунарите – подготовката на реколтата за предавање. По одгледувањето, бербата и сушењето, пакувањето бара подеднакво внимание за да се зачува постигнатиот квалитет.

СЕКЕ ви препорачува секоја кутија внимателно да ја проверите пред да ја затворите. Во неа пакувајте само листови од иста берба и од ист квалитет. Мешањето различни берби и квалитет значи дека целата кутија ќе биде проценета според најниската класа во неа.

Посебно внимавајте на влагата. До 16 проценти нема одбиток, а над 16 до 20 проценти вишокот се одбива од тежината. Тутун со над 20 проценти влага или прскан со вода воопшто не се откупува.

 

Во кутијата не смее да останат пластика, метал, конци, остатоци од ракавици, гума, пердуви, цветови, плевел, инсекти или стакло.

При пакувањето не третирајте го тутунот со никакви хемиски препарати. Пакуваната реколта чувајте ја во простории без мирис на хемикалии, горива или добиток.

СЕКЕ се грижи за вашиот труд и ве потсетува дека секоја внимателно спакувана кутија е дел од грижата за целата реколта. Чувајте си го трудот. Чувајте си ги парите.

Back to top button
Close