ВРЕДИ со нова критика до Ахмети: Зошто ја поддржува Србија, а молчи за Бањска?
Коалицијата ВРЕДИ повторно го критикува лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поради неговата поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“, обвинувајќи го дека се обидува да ја рехабилитира Србија и дека не се залага за прекин на политичките врски со Белград.

Од ВРЕДИ велат дека Ахмети зборува за регионален мир преку соработка со Србија, земја која, според нив, не ја признава независноста на Косово, нема побарано прошка за злосторствата од 1999 година и продолжува да поддржува напади, меѓу кои го наведуваат и случајот во Бањска. Од коалицијата прашуваат зошто Ахмети никогаш не се огласил за овој случај.
ВРЕДИ оценува дека признавањето на независноста на Косово е предуслов за нормализирање на односите меѓу двата народа.
Од коалицијата посочуваат дека владината определба е зајакнување на врските со Албанија и Косово преку Коридорот 8, автопатот Скопје – Блаце, патниот правец Тетово – Призрен и проектот „One Stop Shop“ на граничните премини.
Во реакцијата, ВРЕДИ порачува дека националните прашања повеќе не смеат да бидат заложници на тесни групни и семејни интереси. Притоа, упатува и обвинувања за сомнителни трансакции, поврзувајќи ги со случајот на „Алта банка”.






