Левица: Зошто обвинителот Арнаудоски сѐ уште го води предметот за Сара – кој ќе ја испита неговата непристрасност и интегритет?

Левица преку соопштение бара од Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески да објасни зошто обвинителот Стојанче Арнаудоски и понатаму постапува во предметот за случајот со Сара од Охрид, и покрај информациите дека првично му бил одземен.

Од партијата тврдат дека до нив пристигнале информации оти Арнаудоски е семеен пријател на Гоце и Љубинка Корабоски, кои ги опишуваат како блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, Левица изнесува обвинувања за неговиот професионален интегритет, тврдејќи дека важи за еден од најкорумпираните обвинители.

Партијата отвора прашања и за текот на истрагата, барајќи објаснување дали таа ќе се проширува по сериозните сведоштва што излегоа во јавноста, како и зошто квалификацијата „тешка телесна повреда“ наводно била променета во „обична телесна повреда“.

Од Левица оценуваат дека е недозволиво институциите да реагираат само кога јавноста ќе крене тревога, а потоа да ја намалат активноста кога ќе стивне притисокот. Според партијата, јавниот интерес и потребата од одговорност не смеат да зависат од интензитетот на реакциите во јавноста.

„Правдата не смее да функционира како апарат за гаснење пожари“, наведуваат од Левица, од каде што бараат одговор од Савески зошто предметот и понатаму го води Арнаудоски.

Back to top button
Close