Селмани за Алта банка: Финансискиот систем е стабилен, но контролите мора да се преиспитаат


Случајот со Алта банка не треба да заврши само со надминување на финансиската криза, туку институциите мора да утврдат дали имало пропусти во контролата и проверките на банката, порача аналитичарот Имер Селмани во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Според него, Македонија има стабилен банкарски систем, а малото учество на Алта банка во вкупните депозити и кредитирањето придонело кризата да нема поголеми последици врз финансискиот сектор.

„Како држава сме докажале и во минатото дека имаме добар, уреден финансиски систем. Тоа често го потврдуваат не само домашните банкари, туку и банкарите што доаѓаат од странство“, истакна Селмани.

Тој оцени дека Народната банка и останатите институции се на добар пат да ја надминат состојбата, но предупреди дека неизвесноста низ која поминале клиентите не смее да се занемари.

„На добар пат сме како држава, Народната банка пред сè и останатите институции, да го надминеме овој проблем. Меѓутоа, случајот не треба да се затвори само со тоа да се изменаџира, туку треба да се видат и пропустите“, порача аналитичарот.

Селмани потсети на претходните банкарски кризи во земјава, вклучително и случајот со штедилницата ТАТ, нагласувајќи дека институциите мора да бидат особено внимателни при дозволувањето банки да управуваат со парите на граѓаните.

Тој изрази надеж дека ниту еден клиент на Алта банка нема да претрпи финансиска загуба.

„Посакувам ниту еден граѓанин, освен стресот што го доживеал, да не изгуби ниту еден денар, ниту едно евро“, рече Селмани.

Според него, случајот треба да послужи како поука за институциите, со цел навремено откривање на евентуалните слабости и спречување слични кризи во иднина.

Back to top button
Close