Мециновиќ: Владата три години не ја зголемува минималната плата и ја штити олигархијата

„Владата ќе направи сѐ, освен да удри по олигархијата која го цица македонскиот народ веќе триесет години“, истакна пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во врска со новоусвоената Резолуција за миграциска политика за периодот 2026–2030 година.

Мециновиќ предупреди дека миграциските политики не можат да се разгледуваат изолирано од катастрофалната положба на домашните работници, ниските плати, иселувањето и економскиот модел во кој државата ги штити интересите на најбогатите, додека сопствените граѓани ги остава без основни услови за достоинствен живот.

„Три години не ја зголемува минималната плата. Влада крвник на сопствениот народ!“, кажа Мециновиќ, критикувајќи го односот на ДПМНЕ кон работниците и синдикатите.

Тој посочи дека власта стигнала дотаму да се расправа со синдикалните претставници за содржината на потрошувачката кошница, споредувајќи ја оваа апсурдна ситуација со супермаркет во кој Владата му ги вади основните производи на граѓанинот од кошницата, убедувајќи го дека не му се потребни.

Мециновиќ нагласи дека македонската економија оди во бездна, додека домашната олигархија се однесува како Македонија да е Монако или Силиконската долина.

Тој го отвори прашањето за прогресивното оданочување, посочувајќи дека власта нема храброст да го воведе затоа што не сака да ги засегне интересите на најбогатите.

Според него, богатството на домашните олигархиски кругови е создадено благодарение на македонската инфраструктура, пазарот и трудот на работниците, но наместо дел од тие средства да се враќаат во буџетот и да се инвестираат во понатамошен економски развој, Владата го одржува постојниот модел во интерес на крупниот капитал.

Back to top button
Close