За претепаниот малолетник во Охрид е поднесена пријава од МВР против двајца охридски полицајци и ќе бидат суспендирани

Тројца полицајци, двајца од СВР Охрид и еден од Србија, се кривично пријавени за малтретирање на малолетниот Горазд, за чиј случај неговата мајка Лихнида Петреска јавно сведочеше во „Претрес со Ландов“. Од Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“ соопштија дека внатрешната контрола поднела кривична пријава против С. С., Б. Г. и Ј. И., а за двајцата полициски службеници од СВР Охрид најавуваат дисциплинска постапка и суспензија.
Пријавата е поднесена до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Тројцата се сомничат за „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик.
Според МВР, настанот се случил на 29 јули 2026 година, околу 05:05 часот во Охрид. Полициските службеници С. С. и Б. Г. од СВР Охрид и Ј. И. од Србија, при вршење службени дејствија, сопреле мотоцикл управуван од малолетник без дозвола, кој се обидел да побегне.
„Набргу го фатиле и кон него употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет и му нанеле повреди на повеќе делови на телото“, наведуваат од МВР.
За постапувањето на полицискиот службеник од Србија е побарана соработка и од тамошните институции. По наредба на ОЈО ГОКК, македонската внатрешна контрола доставила барање до надлежната служба за внатрешна контрола при српското МВР за вршење службен разговор со Ј. И.
За двајцата полициски службеници од СВР Охрид, Министерството најавува и мерки во рамките на работниот однос.
„Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници С. С. и Б. Г. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работно место – суспензија“, соопштија од МВР.
Случајот беше јавно претставен во „Претрес со Ландов“, каде што мајката Лихнида Петреска сведочеше дека нејзиниот 15-годишен син се враќал од работа со мотор кога полицајци почнале да го следат. Според нејзиното сведоштво, кај градската болница во Охрид го удриле со возило, а откако паднал, го напаѓале со боксови и клоци. Таа тврдеше дека потоа го однеле во нива спроти улицата и продолжиле да го тепаат со пендреци.
Мајката кажа дека синот во неколку наврати губел свест и дека полицајците му се заканиле да не кажува и да не пријавува откако им ја кажал возраста.
„Го прашав што се случило. Не сакаше да каже затоа што му се имаа заканувано и беше уплашен“, сведочеше Петреска во „Претрес“.
Таа раскажа дека потоа отишла во полиција за да праша зошто нејзиниот син бил тепан и дали настанот бил евидентиран. Според неа, по проверките ѝ било кажано дека нема таква евиденција. Во сведоштвото изнесе и тврдења дека добила објаснување оти полицајците биле однадвор и веќе заминале, како и дека нивното постапување било оправдувано како „превоспитување“.
Петреска кажа дека со синот го пријавиле случајот во Основното јавно обвинителство во Охрид, каде што од него била земена изјава во нејзино присуство. И самата дала изјава во внатрешната контрола, но во моментот на сведочењето тврдеше дека немала добиено информации за преземените активности. Таа зборуваше и за индиректни закани кон семејството.
Уште пред емитувањето на сведоштвото, од обвинителството за „Претрес“ потврдија дека предметот од Охрид бил препратен во ОЈО ГОКК, откако било утврдено дека пријавените лица се полициски службеници. Тогаш соопштија дека биле дадени дополнителни насоки за постапување, била известена внатрешната контрола и било извршено препознавање. До емитувањето, одговор од МВР за овој случај немаше.
Во сега доставениот одговор МВР соопштува за кривичната пријава и за повредите нанесени со физичка сила, гумена палка и тврд предмет. Министерството не се осврнува на останатите наводи од сведоштвото на мајката, меѓу кои ударот со возило, носењето во нива и заканите да не се пријавува.






