Едно лице хоспитализирано откако непозната супстанција била испуштена на концерт во Велика Британија
Едно лице е пренесено в болница откако „непозната супстанција“ била испуштена во публиката за време на концертот на Дон Толивер во арената „Ко-оп Лајв“ во Манчестер, соопштија официјални претставници.

Полицијата на Манчестер (ГМП) соопшти дека синоќа кусо по 22:00 часот бил прогласен сериозен инцидент по пријавите дека луѓе во публиката на настапот на американскиот рапер чувствуваат последици од непозната супстанција, за која полицијата првично верувала дека е солзавец.
Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат како посетителите на концертот кашлаат и ги покриваат устите додека ја напуштаат салата.
Во соопштението објавено утрово по 2:00 часот по полноќ, ГМП наведе дека посетителите на концертот биле безбедно евакуирани, а на неколку лица на самото место им била укажана помош поради несакани симптоми.
Службата за итна медицинска помош на Северозападна Англија соопшти дека лекарите прегледале повеќе од 50 лица, при што некои пријавиле „симптоми на очите и респираторниот систем“.
„Од претпазливост се спроведува деконтаминација, а еден пациент е пренесен во Кралската болница во Манчестер за понатамошни испитувања“, се наведува во соопштението.
„Распоредивме неколку екипи за итни интервенции, вклучувајќи го и нашиот Тим за одговор во опасни зони, за да обезбедиме безбедна проценка и третман на луѓето на самото место. Секој што бил на вечерашниот настан, а во меѓувреме забележал несакани реакции или се чувствува лошо, треба да побара лекарски совет“, се додава во текстот.
Помошничката на началникот на полицијата на ГМП, Стеф Паркер, изјави дека повеќе од 12.000 луѓе биле безбедно евакуирани од арената.
„Наш приоритет беше да ја осигураме безбедноста на секој поединец што присуствуваше на концертот“, истакна таа во изјавата.
„На неколку лица им беше укажана помош на самото место, а едно засега е пренесено в болница. Секој што го напуштил настанот и оттогаш се почувствувал лошо, се советува да се јави во локалната болница“ додаде таа.
Паркер информира дека на концертот присуствувале над 12.000 луѓе кои биле безбедно изведени од арената за да можат да се упатат кон своите домови.
Во арената „Ко-оп Лајв“ в четврток е закажан настап на американската пејачка Фиби Бриџерс.






