Се сомнева дека кинески хакери стојат зад сајбер нападот врз Европската комисија


Европската комисија се сомнева дека хакерска група поддржана од Кина стои зад сајбер нападот што ги погодува нејзините системи веќе еден месец, пишува денес Euronews, повикувајќи се на два извори запознаени со ситуацијата. Првото потврдено протекување на лични податоци се однесува на корисниците на онлајн платформата на Академијата на ЕУ, додека кодното име „Панда“ се користи во рамките на Комисијата за осомничени сторители. Извори тврдат дека ИТ одделот на Комисијата открил злонамерен актер во своите внатрешни мрежи на 22 октомври, но извршната власт на ЕУ сè уште не го совладала целосно упадот и морала да ја затвори веб-страницата на Академијата на ЕУ во саботата. Протекувањето на имиња и е-адреси е потврдено, поради што корисниците се предупредени за можни фишинг кампањи. Кражбата на податоци за персоналот во други ИТ системи сè уште не е потврдена, иако неколку внатрешни апликации се исклучени како мерка на претпазливост, а некои сè уште се недостапни. Според проценката на заканите, напаѓачот поврзан со Кина не ги таргетирал одредени поединци или системи, туку тестирал до кој степен може да ги компромитира ИТ мрежите на Комисијата. Сомневањето за врска со кинеските безбедносни служби се базира на софистицираноста на нападот и употребата на кинеската алатка за вештачка интелигенција ARTEX за откривање на ранливости, кои водечките безбедносни компании Microsoft и Crowdstrike претходно ги поврзаа со хакерските групи Storm-0940 и Panda Vapor. Комисијата беше цел на два кибернапади претходно оваа година, за кои се верува дека потекнуваат од Кина. Кинеската влада постојано негираше дека спонзорирала или поддржувала хакерски групи кои напаѓаат странски институции. Комисијата сè уште официјално не објавила кој стои зад нападот, а портпаролот за технологија Томас Рејниер рече дека е потребно истрагата да биде завршена. Главниот синдикат на вработените го критикуваше начинот на кој се справил со инцидентот бидејќи службениците дознале за него од медиумите. (Крај) колона/nv

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close