НАТО испраќа авион за рано предупредување во Полска по падот на руските ракети

Полскиот заменик-министер за одбрана Павел Залевски денес изјави дека НАТО ќе распореди авион за рано предупредување и контрола на воздушниот простор (AWACS) во Полска, како дел од одговорот на падот на три ракети на територијата на земјата.
Според обвинителството, три руски ракети H-101 паднале на територијата на Полска во петокот, што дополнително ги зголемило стравувањата дека војната во Украина би можела да се прелее на територијата на една од членките на НАТО, пренесува Ројтерс.
„Авионот за рано предупредување AWACS ќе биде ставен на располагање на Полска. Тоа е многу добар систем што ни овозможува да имаме уште подобар оперативен преглед на ситуацијата и поефикасен одговор на ваквите закани“, изјави Залевски за новинарите по состанокот на НАТО во Брисел.
Портпаролот на НАТО потврди дека Врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генерал Алексус Гринкевич, го одобрил распоредувањето на авиони AWACS во Полска.
Тој додаде дека се разгледува распоредувањето на дополнителни воени капацитети додека НАТО продолжува да ги проценува своите одбранбени и одвраќачки капацитети во Полска и други делови од источното крило на Алијансата.
НАТО има флота од 14 авиони AWACS, препознатливи по нивните големи радарски куполи со дијаметар од девет метри, кои од 1982 година се користат за надзор на воздушниот простор и рано откривање на потенцијални закани.
Авионите се стационирани во воздухопловната база Гајленкирхен во Германија, а од почетокот на рускиот напад врз Украина во 2022 година, тие играат важна улога во мисиите за надзор долж источното крило на НАТО.
Во случај на вооружен конфликт, овие авиони обезбедуваат заеднички радарски преглед на ситуацијата за сојузничките воени авиони, бродови и командни центри, како и насочување на воените авиони на НАТО кон цели.






