Трамп под притисок по тврдењето дека го вратил директорот на „Енвидија“ на функцијата

Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со остри критики откако изјави дека лично го убедил управниот одбор на технолошкиот гигант „Енвидија“ повторно да го назначи Џенсен Хуанг за извршен директор, по неговата оставка поради љубовна врска со кинеска бизнисменка, за која американските власти се сомневаат дека била поврзана со кинеската разузнавачка служба.

Трамп тврди дека разговарал со членовите на одборот и им дал гаранции дека враќањето на Хуанг не претставува закана за националната безбедност на САД.

„Тие побараа гаранција за заканата за националната безбедност и ние им дадовме гаранции со сè што знаеме. А знаеме многу. Луѓето прашуваат дали е закана да го имаш? Не, заканата е да го изгубиш“, изјави Трамп.

Според наводите во објавениот текст, враќањето на Хуанг придонело за прекин на еднонеделниот пад на американските акции. Акциите на „Енвидија“ пораснале за 31 отсто по неговото повторно назначување, а пазарната вредност на компанијата се зголемила за околу еден билион долари.

Во меѓувреме, Министерството за трговија на САД најавило ставање на црната листа на компанијата „Мегаспид“, во која наводната кинеска разузнавачка соработничка Алис Хуанг била извршна директорка.

Стјуарт Расел, раководител на Меѓународната асоцијација за безбедна и етичка вештачка интелигенција, смета дека управниот одбор на „Енвидија“ можеби бил изложен на силен притисок од Белата куќа. Според него, администрацијата била загрижена дека продолжувањето на падот на акциите на технолошките компании би можело да има пошироки последици врз американската економија.

Случајот предизвика реакции и во Конгресот. Хаким Џефрис, од кого се очекува да ја преземе функцијата претседател на Претставничкиот дом, ја оцени одлуката за враќање на Хуанг како „неодбранлива, неодговорна и неразбирлива“ и најави брза и сеопфатна истрага.

„Нема да дозволиме администрацијата на Трамп да ја продаде националната безбедност на Америка за лична финансиска корист“, порача Џефрис.

Одговори бараат и републиканците. Сенаторот Том Котон изјави дека случајот со „Енвидија“ и „Мегаспид“ е само дел од поширока контроверзија и дека враќањето на Хуанг на функцијата не ги разрешува отворените прашања.

Дополнителни сомнежи предизвикаа и финансиските извештаи според кои Трамп во последните две години купил акции на „Енвидија“ во вредност меѓу 23 и 86 милиони долари. Хуанг, пак, следната недела треба да сведочи пред Конгресот.

Back to top button
Close