Внимателно на патиштата: Магла на патот кон Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, но возачите се предупредуваат на намалена видливост поради магла, можни одрони и изменет режим на сообраќај на повеќе делници.

Според информациите на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), на патниот правец Лисец – Попова Шапка видливоста е намалена на 50 до 60 метри. Коловозите се претежно суви, а сообраќајот надвор од населените места е со умерен интензитет. На граничните премини засега нема подолги задржувања.
Од денеска, 24 ноември, започнуваат градежни работи на мостот кај клучката Бучим, на патот Штип – Радовиш. Сообраќајот таму ќе се одвива наизменично, со регулирање преку семафори. На делницата Калишта – Радожда, кај Елен Камен, возилата се движат по една слободна лента.
Изменет режим на сообраќај има и на патот Кичево – Охрид поради градежни работи на повеќе делници, како и на мостот на реката Тајмишница, на патот Гостивар – Кичево. Работи на браната „Глобочица“ влијаат врз сообраќајот на правецот Струга – Дебар.
Патот Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сите видови возила од 17 ноември, согласно со сезонскиот режим.
АМСМ предупредува и на можни одрони, особено на патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Возачите се потсетуваат дека зимската опрема е задолжителна од 15 ноември до 15 март 2027 година, без оглед на временските услови објави Скопје1.мк






