ММФ: Евро моделот може да ја зголеми инфлацијата во Црна Гора на 9,0 отсто, а јавниот долг на 72 отсто

 – Предложениот економски пакет „Евро модел“ во Црна Гора би можел да донесе краткорочно забрзување на економскиот раст, но и значително зголемување на инфлацијата, буџетскиот дефицит и јавниот долг, со слабеење на конкурентноста на домашната економија, оцени мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), по завршувањето на консултациите со црногорските официјални лица.

Според прелиминарната анализа на ММФ, примената на предложениот модел би можела да ја зголеми просечната инфлација на околу девет отсто во 2027 година, од 4,5 отсто во 2026 година, при што таа би останала над три отсто сè до 2030 година.

Истовремено, буџетскиот дефицит би можел да порасне од проектираните 3,9 отсто од БДП во 2026 на околу 9 отсто наредната година, додека бруто јавниот долг би достигнал околу 72 отсто од БДП до 2029 година и би продолжил да расте.

ММФ проценува дека „Евро модел“, кој подразбира значително зголемување на минималните плати, намалување на придонесите за пензиско осигурување на товар на вработените и даночни олеснувања, би можел привремено да го подигне растот на реалниот БДП на околу 4,5 отсто во 2027 година.

Меѓутоа, растот до 2031 година би се вратил на долгорочниот просек од околу 3 отсто, а поголемата потрошувачка би била проследена со раст на увозот и намалување на инвестициите, наведува ММФ.

Според оцената на мисијата, зголемувањето на трошоците за труд што не е проследено со раст на продуктивноста би можело да ја ослабне конкурентноста на црногорските компании, особено на помалите претпријатија и на оние во трудово интензивните дејности, како и негативно да влијае врз вработеноста и да го поттикне неформалното работење.

ММФ предупредува и дека дефицитот на тековната сметка би можел да порасне од 18,6 отсто од БДП во 2026 и да остане над 20 отсто сè до 2031 година.

Во основното сценарио, кое не подразбира примена на предложениот пакет, ММФ очекува раст на црногорската економија од околу 3 отсто во 2027 година и во наредниот среднорочен период, со просечна инфлација од 3,7 отсто наредната година и околу 2,2 отсто на среден рок. Дефицитот на тековната сметка би требало постепено да се намали од 18,6 отсто од БДП во 2026 на околу 16 отсто на среден рок.

Мисијата ѝ препорачува на Црна Гора среднорочно фискално приспособување за повторно да се оствари примарен буџетски суфицит од околу 1 отсто од БДП, со зачувување на продуктивните инвестиции и основните социјални услуги.

Според процената на ММФ, таков пристап би овозможил намалување на јавниот долг под законскиот лимит од 60 отсто од БДП.

Фондот исто така предупредува на потребата од транспарентна процена на трошоците на секоја поединечна мерка од предложениот пакет, независна фискална и актуарска анализа и консултации со работодавачите и вработените.

ММФ наведува дека Црна Гора во 2026 година остварила зајакнување на економскиот раст, кој е проценет на 3,5 отсто, во однос на 3,3 отсто во 2025 година, благодарение на потрошувачката, туризмот и закрепнувањето на производството на електрична енергија. Истовремено, инфлацијата во октомври достигна 5,9 отсто, во споредба со 4 отсто на крајот од минатата година.

Мисијата на ММФ, предводена од Џеф Данфорт, престојуваше во Подгорица од 11 до 24 ноември во рамки на редовните консултации според Членот IV од Статутот на таа меѓународна финансиска институција.

Back to top button
Close