Зеленски и Маѓар договорија испораки на гас и дизел за Украина и нови железнички линии

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и премиерот на Унгарија, Петер Маѓар, се договорија да ги разгледаат можностите за испорака на природен гас и дизел за Украина, поголемо користење на украинските складишта за гас, како и воспоставување нови директни железнички линии меѓу двете земји.
Зеленски по средбата со Маѓар во Ужгород, западна Украина, соопшти дека разговарале за соработката во областа на енергетиката, билатералната трговија, хуманитарната помош и инфраструктурните проекти.
– Разговаравме за испораките на гас и дизел за Украина, проширувањето на користењето на украинските складишта за гас од страна на унгарските компании, како и за заеднички инфраструктурни проекти – наведе Зеленски во објава на Фејсбук.
Според него, било разговарано и за реконструкција на постојните гранични премини, изградба на нови, како и пуштање директни возови меѓу Украина и Унгарија на нови рути.
Една од темите на состанокот било и хуманитарното деминирање, како и поголемо вклучување на Унгарија во меѓународната коалиција што се занимава со тоа прашање.
Зеленски истакна дека за сите разгледувани прашања се постигнати конкретни договори и дека на тимовите на двете земји им се дадени задолженија да работат на нивно спроведување.
Украинскиот претседател му се заблагодари на Маѓар за посетата на Украина, поддршката и осудата на руската агресија.
Претходно денеска, Маѓар изјави дека е остварен значителен напредок во разговорите за десет прашања кои се однесуваат на јазичните, културните и образовните права на унгарското национално малцинство во Украина.
Маѓар за време на првата официјална посета на Украина на функцијата премиер на Унгарија престојуваше во Ужгород, каде што се сретна со Зеленски и заедно со него им оддаде почит на загинатите украински војници.






