Во Собранието продолжува надзорната расправа за Алта банка
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.

Надзорната расправа, како што информираат од собраниската прес-служба, ќе продолжи со ислушување на исказите на останатите учесници (сведоци) повикани од Комисијата за финансирање и буџет. На надзорната треба да се разгледаат околностите што довеле до воведување администрација во банката, улогата на Народната банка во постапката, како и одговорноста на надлежните институции.
Пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска вчера на прес-конференција соопшти дека на расправата се поканети и претставници на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка. Информира дека ниту едно од лицата на списокот на поканети сведоци до тој момент сè уште немал потврдено присуство. Дополнително, дел од нив, како што појасни Лукаревска, по вторпат се на службен пат токму во периодот кога треба да се одржи расправата.
Пратениците на СДСМ и коалицијата вчера во Собранието поднесоа интерпелација за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со случајот со Алта банка. Од СДСМ информираат дека со интерпелацијата бараат да се утврди политичка одговорност за постапувањето на Славески во врска со влезот на Алта банка АД Белград во тогашната Стопанска банка АД Битола.
Интерпелацијата се однесува на постапката во која, како што наведуваат од партијата, гувернерот и Народната банка дале претходна согласност Алта банка да стекне квалификувано учество во битолската банка. Од СДСМ бараат одговори за тоа какви проверки биле направени во однос на инвеститорот, сопственичката структура и потеклото на капиталот, како биле проценети ризиците за депонентите и врз основа на кои критериуми била дадена согласност за именување на Давор Мацура во Надзорниот одбор на банката.
Во насока на изнаоѓање нов сопственик и создавање услови за натамошно стабилно работење на Алта банка АД Битола, Народната банка на 16 ноември ја објави постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во банката. Станува збор за 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции, во сопственост на Алта банка АД Белград – во стечај.
Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност по моделот „сè или ништо“, што значи дека се продава целиот понуден акционерски пакет, без можност за купување само дел од акциите.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година. Почетната цена е утврдена врз основа на тековната берзанска цена и изнесува 3.777 денари од акција.
Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните аукции ќе се одржуваат последователно, на 1, 2, 3, 4 и на 7 декември 2026 година. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 отсто во однос на почетната цена на претходната аукција.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на седницата на надзорната расправаодржана на 11 ноември покажа официјална одлука објавена во „Службен весник“ број 123 од 2023 година, со која тогашната влада, предводена од СДСМ, дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола, денешна Алта банка. Барала влегување во деловни односи со Алта банка, а половина од сегашната пратеничка група на СДСМ тогаш како членови на владата донеле таква одлука.
– Мојата теза е следна – дека во 2023 владата на СДСМ и ДУИ донела одлука да го задолжи Државното правобранителство да стапи во комуникација со истото ова лице, Давор Мацура, и со Алта банка Србија и да влезе во деловни односи со Алта банка. Вашата влада, господине Венко Филипче, и на ДУИ, на предлог на министерот на ДУИ, Фатмир Бесими, му наложува на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со лицето Давор Мацура, сопственикот на Алта банка Србија, и да ги оттуѓи акциите во сопственост на Македонија, која ги има во банката што ја купува Давор Мацура, односно Алта банка, така што многу пред да дојде Алта банка во Македонија вие како влада воспоставувате деловни односи со ова лице – рече Мицкоски.
Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески на надзорната истакна дека состојбата во Алта банка АД Битола и нејзиниот биланс се здрави и солидни.
-Состојбата во Алта банка АД Битола и нејзиниот биланс се здрави и солидни. Капитализираноста на банката е речиси 26 отсто, значајно повеќе од законскиот минимум од 8 отсто и значајно над стапката што би барала отворање стечај, тоа е под 2 отсто. Ликвидноста на банката е висока. Квалитетот на кредитното портфолио е добар со учество на таканаречените лоши пласмани од само 2,9 отсто. Мерката администрација треба да обезбеди задржување на оваа здрава позиција преку заштита на билансот и привремено управување од страна на Централната банка сè до наоѓање нов сопственик, на што Народната банка активно работи – рече гувернерот Славески.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска нагласи дека нема никаков ризик од финансиска нестабилност во државата поради Алта банка и оти Министерството не дало никаква согласнот за продажба.
– Состојбата е стабилна и нема никаков ризик од каква било финансиска нестабилност во државата поради случајот со Алта банка – Битола. Буџетските корисници имаат сметки во трезорот, а единствените трансакции што се прават од Министерството за финансии (МФ) кон сите банки, не само кон Алта банка, се провизиите што се плаќаат кога се исплаќаат пензиите – рече – Димитриеска-Кочоска.
Јавното обвинителство постапува во секоја ситуација кога ќе утврди постоење на кривично-правен настан, порача државниот јавен обвинител Ненад Савески, но нагласи дека не може да открива дали во случајот со Алта банка е отворена предистражна постапка, бидејќи, како што рече, тоа е тајна согласно закон.
Одговарајќи на прашања на пратениците на надзорната расправа во Собранието посветена на Алта банка, Савески рече дека без оглед кој повикува на постапување, Обвинителството има обврска да реагира секогаш кога ќе утврди елементи на кривично дело






