Влен: Писмото на Ахмети е пропаганден памфлет – ДУИ никогаш не го направи албанскиот јазик целосно службен

Во таа насока од партијата прашуваат зошто најблиските соработници на Ахмети, против кои се водат судски постапки за злоупотреба на службената положба, на судските рочишта зборуваат на македонски јазик, додавајќи, во тој контекст, дека албанскиот не е службен ниту кај адвокатите, нотарите и извршителите

Од Влен ги обвинуваат поранешните функционери на ДУИ дека, наместо да работеле на квалитетот на законите, „времето го минувале играјќи фудбал во канцелариите“, а со реториката за „компромиси“ ја манипулирале јавноста за да си обезбедат долго владеење. Во тој контекст, на крајот од реакцијата, од Влен му порачуваат на лидерот на интегративците дека неговата кампања за одбрана на албанскиот јазик би била искрена само доколку започнела со самокритика и признание дека ниту еден од трите закони донесени во времето на ДУИ не го решил целосно прашањето за неговата службена употреба

Отвореното писмо на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, претставува пропаганден памфлет чија цел е да ја зголеми конфузијата и да ги продлабочи поделбите кај граѓаните во врска со службената употреба на албанскиот јазик, оценија денеска од владејачката Влен.

Во реакцијата насловена „Јавен одговор“ до претседателот на интегративците, од Влен посочуваат дека во три мандати – во 2008, 2011 и 2018 година, во коалиции со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ – ДУИ, усвоила три различни законски решенија, но, како што велат, никогаш не успеала да го направи целосно рамноправен со македонскиот јазик на институционално ниво.

„Еднаш го нарековте ’јазик на 20-те проценти‘, а другпат јазик објаснет во фуснота и во загради. Во летото 2008 година, по скратена постапка во Собранието, без дебата и без расправа на пленарна седница, тивко, како од срам, го прошверцувавте законот за албанскиот јазик, токму оној закон за кој денес зборувате со толкав жар“,

се наведува во реакцијата на партијата што ги претставува Албацните во власта.

Според Влен, решението од 2019 година ја прави примената на албанскиот јазик во институциите доброволна, а не задолжителна, поради што, како што наведуваат, тој денес не се применува во низа клучни сегменти од државниот и јавниот систем.

Во таа насока од партијата прашуваат зошто најблиските соработници на Ахмети, против кои се водат судски постапки за злоупотреба на службената положба, на судските рочишта зборуваат на македонски јазик, додавајќи, во тој контекст, дека албанскиот не е службен ниту кај адвокатите, нотарите и извршителите.

Дополнително, во реакцијата се истакнува дека во Централниот регистар целата документација се издава исклучиво на македонски јазик, а ниту една комерцијална банка, како ни Народната банка, не овозможува кореспонденција на албански јазик.

„Албанскиот јазик, почитуван г-дине Ахмети, не е службен ниту на полициските униформи, ниту на армиските. Не е службен ниту во медицинските документи, како што се упатствата, потврдите и другите обрасци што ги издаваат здравствените установи. Албанскиот јазик не е службен ниту кај адвокатите, ниту кај нотарите, ниту кај извршителите! И оваа горчлива вистина е последица на Законот за употреба на албанскиот јазик, кој го усвоивте Вие и Вашата партија, ДУИ!“се вели во реакцијата.

Од Влен ги обвинуваат поранешните функционери на ДУИ дека наместо да работеле на квалитетот на законите, „времето го минувале играјќи фудбал во канцелариите“, а со реториката за „компромиси“ ја манипулирале јавноста за да си обезбедат долго владеење. Во тој контекст, на крајот од реакцијата, од Влен му порачуваат на лидерот на интегративците дека неговата кампања за одбрана на албанскиот јазик би била искрена само доколку започнела со самокритика и признание дека ниту еден од трите закони донесени во времето на ДУИ не го решил целосно прашањето за неговата службена употреба.

Предложениот модел за полагање на правосудниот испит повод за преписката

Преписката меѓу Влен и лидерот на ДУИ се надоврзува на вчерашната реакција на министерот за правда Јетон Шасивари, кој исто така преку отворено писмо му одговори на Али Ахмети по неговите критики за најавениот модел за полагање на правосудниот испит на албански јазик.

Поводот за полемиката беше отвореното писмо на Ахмети до министерот за правда, во кое тој побара целосно спроведување на Законот за употреба на јазиците и овозможување полагање на правосудниот и другите стручни испити на албански јазик. Повикувајќи се на информации дека Министерството подготвува модел според кој испитот би се полагал делумно на албански, а делумно на македонски јазик, како и на наодите на Инспекторатот за употреба на јазиците, Ахмети предупреди да не се предлагаат делумни решенија.

„Ваквото решение не претставува чекор напред, не претставува унапредување. Тоа, напротив, претставува чекор назад, деградација на едно стекнато право и доколку се претстави како унапредување на јазичните права, претставува чин на предавство кон Албанците и кон самиот Закон за употреба на јазиците“,порача Ахмети, оценувајќи дека правосудниот испит е проверка на правни знаења, а не тест за познавање на македонскиот јазик.

Ахмети до Шасивари: Правосудниот испит мора да се полага и на албански јазик, делумно решение е деградација на законот

Во својот вчерашен одговор, министерот Шасивари ги отфрли ваквите квалификации и потсети дека од 2001 година наваму осум министри за правда од редовите на ДУИ имале можност и институционална одговорност да го решат ова прашање, но не го сториле тоа.

Шасивари порача дека јазичните права не се партиска сопственост и дека ДУИ нема монопол ниту врз Охридскиот рамковен договор, ниту врз правата на Албанците.

Во однос на Венецијанската комисија до која Владата го испрати предлог-решението за моделот за полагање на правосудниот испит, министерот нагласи дека ова тело на Советот на Европа не е „параван за институциите“ во земјава, туку можност решението да биде стручно и независно разгледано. Тој во реакцијата наведе и дека Ахмети на 27 ноември во Собранието ќе може лично да им ги пренесе забелешките на известителите на Комисијата.

„Правата не се бранат со гласни политички декларации, туку со функционални институции, правно издржани решенија и доследна примена на законите“порача министерот за правда, додавајќи дека нема да дозволи прашањето за правосудниот испит да стане предмет на партиско наддавање.

Back to top button
Close