Кривопаланчани го откажаа протестот за кравите: Владата донесе одлука да помогне
Најавените протести во Крива Паланка се ставаат во мирување откако Владата задолжи шест државни институции да преземат конкретни мерки за решавање на долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на говедата.

Градоначалникот Сашко Митовски ја поздрави владината одлука, нагласувајќи дека на институциите ќе им биде даден простор да го реализираат акцискиот план, но дека борбата за трајно решавање на проблемот продолжува.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе биде задолжена за заловување и одземање на говедата, додека Агенцијата за управување со одземен имот ќе се грижи за нивниот транспорт и згрижување. Во акцијата ќе бидат вклучени и МВР, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Бирото за процена.
Според процените на градоначалникот, околу 1.000 говеда неконтролирано се движат низ Крива Паланка и околните села, предизвикувајќи материјални штети и загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните и сообраќајот. До 18 ноември биле заловени 96 животни.
Митовски посочува дека сè уште нема конкретни рокови за реализација на акцискиот план, а отворено останува и прашањето за обесштетување на граѓаните.
Иако градоначалникот најави ставање на протестите во мирување, засега нема официјална потврда од организаторите дали ќе биде откажан вториот граѓански протест, закажан за сабота, 28 ноември.
„Вистинската победа ќе ја прогласиме тогаш кога нашите граѓани ќе можат безбедно да се движат, кога нивните имоти ќе бидат заштитени и кога ќе престанат штетите со кои секојдневно се соочуваат. Дотогаш, нема отстапување“, порача Митовски.






