Украина нападна руска военовоздухопловна база и оштети пет авиони

Генералштабот на украинската армија денеска соопшти дека е нападната руска военовоздухопловна база, што се користела за ракетирање и бомбардирање на Украина. Во нападот оштетени се пет авиони.

Украинските сили ја нападнаа базата Саваслејка во областа Нижњеновгородск, источно од Москва, при што „на некое време се онеспособени“ три борбени авиони МиГ-31, кои се користат за лансирање хиперсонични проектили и два ловци бомбардери Су-34.

Киев се обидува да ја ослаби воената моќ на Москва, а истовремено се соочува со нов бран напади врз својата енергетска инфраструктура, како и со сè поинтензивни руски напади врз градовите долж линијата на фронтот.

Обновените украински напади со беспилотни летала доведоа до намалување на обемот на нафта што ја преработуваат руските рафинерии, за 45 отсто од крајот на октомври. Киев навести дека ќе престане со нападите врз руската енергетска инфраструктура само кога Москва ќе го направи истото.

Back to top button
Close