Вадефул ја предупреди Украина географски да не го проширува конфликтот со Русија

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ја предупреди Украина да не го проширува географски конфликтот со Русија, по неодамнешните украински напади врз руски бродови во Средоземното и во Балтичкото Море, пренесе ДПА.
– Правото на Украина на самоодбрана е неспорно и ние ја поддржуваме земјата, но категорично би предупредил да не се дозволи географско проширување на овој конфликт – изјави Вадефул пред новинарите во Берлин, на маргините на средбата со неговиот романски колега Дан Некулеску.
Во неделата Украина со поморски дронови нападна неколку руски пловни објекти во Средоземното Море, во близина на либискиот брег, меѓу кои руска корвета и товарен брод.
Во интервју за „Блумберг“, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти и дека Украина извршила напад со дрон врз рускиот товарен брод „Спарта II“ во близина на Финска, во Балтичкото Море.
И покрај критиките, Вадефул во неколку наврати ја потврди германската поддршка за Украина.
– Русија ја напаѓа Украина, а Украина се брани. Сè додека таа напаѓа воени цели, нејзините дејствија се легитимни – рече тој, додавајќи дека не се сомнева оти токму тоа го прави Украина, вклучително и во Балтичкото Море.
– Но, не можам да поддржам ескалација на конфликтот. Мора да го ограничиме неговото ширење. Мора да избегнеме каква било ескалација. Исто така, мора да спречиме какви било закани за поморскиот сообраќај и за животната средина во регионот на Балтичкото Море. Токму затоа во моментов водиме многу интензивни разговори за ова прашање – додаде Вадефул.






