Босна и Херцеговина ја модернизира армијата: Набавува дронови „Бајрактар“, оклопни возила и хеликоптери


Босна и Херцеговина продолжува со модернизацијата на своите вооружени сили и планира да набави турски беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“, оклопни транспортери „Кирпи 2“, системи за борба против дронови „Кангал“, нови хеликоптери и стационарен радар за надзор на воздушниот простор – соопшти босанскиот министер за одбрана Зукан Хелез.

На прес-конференција по повод Денот на вооружените сили на Босна и Херцеговина, кој се одбележува на 1 декември, Хелез изјави дека новата воена опрема ќе биде испорачана врз основа на договорот за воено-финансиска соработка со Турција. Тој изрази надеж дека првата пратка оклопни транспортери, системи „Кангал“, дронови „Бајрактар ТБ2“ и други беспилотни летала ќе пристигне пред Нова година.

Земјата со сопствени средства и со финансиска помош од САД набави и шест нови хеликоптери. Потпишан е и договор вреден повеќе од 7,2 милиони евра за реконструкција на три хангари. Во Турција и во САД се обучуваат 60 пилоти со цел да се надмине недостигот од летачки персонал.

Хелез соопшти дека е во завршна фаза спроведувањето на пакетот на НАТО за зајакнување на одбранбените капацитети на земјата, вреден 35 милиони евра. Босна и Херцеговина, заедно со меѓународните партнери, инвестира и 7,2 милиони долари во кибербезбедноста на Министерството за одбрана и на вооружените сили.

Во рамките на Европскиот мировен механизам за поддршка, земјата доби две транши од по 10 милиони евра, а со третата транша, во износ од 15 милиони евра, предвидена е испорака на теренски возила и заштитна опрема, наведува регионалната телевизија Н1. Хелез најави дека се планира и нов пакет помош од 20 милиони евра, од кои дел ќе бидат наменети за набавка на стационарен радар.

Босанскиот министер за одбрана соопшти и дека САД ја поканиле Босна и Херцеговина да учествува во мировна мисија во Појасот Газа. Во изминатите четири години вооружените сили примиле околу 4.000 нови припадници, од кои 750 во текот на оваа година.

Вооружените сили на Босна и Херцеговина се формирани во 2005 година со обединувањето на дотогашните армии на Муслиманско-хрватската Федерација и на Република Српска, во рамките на реформата на одбранбениот сектор по војната од 1992 до 1995 година, потсетува босанскиот портал „Кликс“. Тие се под надлежност на државното Министерство за одбрана и на тричленото Претседателство на земјата.

Босна и Херцеговина не е членка на НАТО, но од 2006 година учествува во програмата „Партнерство за мир“, а од 2010 година е вклучена во Акцискиот план за членство, кој ја поддржува подготовката за евентуално приклучување кон Алијансата, наведува босанската редакција на регионалната телевизија Н1.

Интеграцијата, сепак, е отежната поради внатрешнополитичките несогласувања, пред сè поради противењето на политичкото раководство на Република Српска, кое се изјаснува против членството во НАТО, поради бомбардирањето на Србија во 1999 година. Истовремено, Алијансата одржува штаб во Сараево и ги поддржува реформите во одбранбениот сектор, модернизацијата и зголемувањето на оперативната интероперабилност на босанската армија со вооружените сили на земјите членки. Зајакнувањето на вооружените сили е поддржано и од Турција, САД и Европската Унија преку билатерални договори и програми за финансиска и техничка помош.

Back to top button
Close