Рокас очекува патоказ за Северна Македонија штом се отворат преговорите, Брисел го оценува предлогот за буџетот на правосудството


Евроамбасадорот Михалис Рокас очекува Северна Македонија да добие патоказ со индикативни рокови штом ги отвори пристапните преговори со Европската Унија. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, тој вели дека тоа што Европската комисија во последниот пакет за проширувањето објави вакви патокази за четири други земји кандидатки не го смета за чекор назад за земјава.

Рокас го прашавме дали земјава дополнително се оддалечува од членството со оглед на тоа што, и по 21 година како кандидат, нема ориентир за тоа кога би можела да ги заврши преговорите, иако е меѓу земјите што имаат добро усогласено законодавство со европското право. Според него, разликата е во фазата до која стигнале Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.

„Треба да се разбере која е целта на патоказите за овие четири земји. Тие активно водат пристапни преговори. Отвораат и затвораат поглавја и кластери. Годинава Европската комисија успеа да направи нешто без преседан – во преговорите со различните земји работеше на повеќе од 65 поглавја и кластери. За жал, бидејќи земјата сè уште ги нема отворено пристапните преговори, не доби патоказ“,рече Рокас.

Според евроамбасадорот, подготвеноста на Македонија може да ѝ овозможи брзо да ги стигне земјите што веќе преговараат.

„Но, уверен сум дека штом се исполнат условите и она за што сме се договориле и штом ги отвориме пристапните преговори, Северна Македонија, пред сè поради својата подготвеност, може да напредува со голема брзина и многу брзо да ги стигне другите. Прилично сум сигурен дека штом ги отвориме преговорите, ќе добиеме и индикативен патоказ за Северна Македонија“,вели тој.

Брисел го оценува предлогот за постепено зголемување на средствата за судовите и обвинителствата
За договорот што го објави премиерот Христијан Мицкоски по разговорите со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители – буџетите за судовите и обвинителствата да се зголемуваат постепено – Европската комисија сè уште нема конечна оценка, вели Рокас. Прашан дали за Брисел е прифатлив ваквиот пристап, евроамбасадорот посочи со колкав недостиг од пари и кадар во моментов работи правосудството.

„Сите знаеме дека за да имаме ефикасно, делотворно и независно правосудство, средствата што му следуваат според Уставот и законите на земјата треба и да му бидат префрлени. А знаеме дека правосудството работи со мошне ограничени средства. Судството добива помалку од половина од она што му следува, а и Јавното обвинителство добива помалку од половина од она што му следува. Во исто време им недостига и кадар. Во судовите има многу непополнети работни места, во моментов можеби и 40 проценти. Ако продолжи така, проблемот ќе се продлабочи“,рече Рокас.

Тој додаде дека при пополнувањето на слободните места е важно изборот да се врши според заслугите. За прашањето дали јазот во финансирањето може да се надмине со скалесто зголемување на буџетите, вели дека ќе се произнесе откако ќе заврши оценувањето во Брисел.

„Разбирам дека јазот меѓу она што е предвидено и она што е реалност е голем и дека треба да се премости. Премиерот навистина предложи тоа да се направи постепено, чекор по чекор, но ќе коментирам дури откако Европската комисија ќе ја даде својата оценка“,

изјави евроамбасадорот.
Прашан кога може да се очекува мислењето на Комисијата, Рокас не наведе датум. Тој појасни дека финансирањето на правосудството е меѓу обврските од Реформската агенда за кои на крајот на декември истекува дополнителниот рок од една година. Ако за одреден чекор Комисијата оцени дека е делумно исполнет, додаде тој, за него нема да биде исплатен целиот предвиден износ.

Back to top button
Close