„Пациентите од онкологија цела недела оставени без лек, само третина од пациентите вакцинирани против грип“, вели Левица
Онколошките пациенти цела недела се оставени без лекот таксол, а само една третина од пациентите кои треба да се вакцинираат против грип досега примиле вакцина, обвини Левица преку соопштение, барајќи одговорност од министерот за здравство Клековски.

Од партијата посочуваат дека бројот на заболени од грип е зголемен за 22,1 отсто, односно во последната извештајна недела биле регистрирани 188 случаи.
Левица ги критикуваше јавните настапи на Клековски, обвинувајќи го дека зборувал за системски промени и децентрализација на лекувањето на онколошките пациенти, но не се осврнал на недостигот од таксол. Од партијата нагласуваат дека овој лек не смее да се изоставува од предвидените циклуси на хемотерапија.
Дополнително, тврдат дека не се исплаќа додатокот за работа надвор од местото на живеење на лекарите од терцијарното здравство кои патуваат во внатрешноста за да лекуваат пациенти.
Левица предлага формирање државна веледрогерија со овластување за интервентен увоз и дистрибуција на лекови, со што, според партијата, би се избегнале долгите бирократски постапки за јавни набавки.
Од партијата порачуваат дека пациентите не треба да бидат оптоварени со грижата за обезбедување на лековите, туку тоа е обврска на здравствените власти.






