Чупиќ од Охрид: Очекувам формирање на новата Влада на Србија во разумен рок
Вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, од самитот на лидерите во рамките на процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Охрид, изјави дека очекува новата српска Влада да биде формирана во разумен рок, по што ќе бидат објавени нејзините планови и програма.
Тој посочи дека во моментов не е овластен да ги открива деталите за надворешната политика на Србија, но нагласи дека таа ќе остане урамнотежена, предвидлива и доследна.

Чупиќ истакна дека земјите од регионот имаат потреба од поголема соработка, солидарност и напредок, но и обврска да ги штитат своите државни и национални интереси. Тој порача дека младите мора да бидат вклучени во политичките процеси, бидејќи без нивно учество не може да се очекува да останат и да ја градат својата иднина на Балканот.
За време на самитот во Охрид, Чупиќ остварил и средби со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, како и со претседавачката и српската членка на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.






