По обвинувањата за полициска заштита, МВР ги откри деталите од сообраќајката на „Париска“

Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи изврши проверки по објавените наводи за неправилности во полициското постапување при сообраќајна незгода во Скопје, во која пешак, син на жената што ја објави реакцијата, се здобил со повреди.

Од МВР информираат дека биле спроведени разговори со полициските службеници кои постапувале по настанот и со учесниците во незгодата. Според утврденото, полицајците излегле на местото, ги презеле потребните дејствија и го известиле надлежниот јавен обвинител, до кого било доставено и писмено известување.

Проверките покажале дека возачката и претходно имала контакт со истите полициски службеници, бидејќи на 3 ноември 2026 година учествувала во друга сообраќајна незгода како оштетена. Од МВР посочуваат дека тоа можело да создаде впечаток дека таа ги познава и има влијание врз нивното постапување.

Анализата на снимките од безбедносните камери покажала дека возачката не го напуштила местото на незгодата до пристигнувањето на полицијата, ниту за време на увидот. По ударот, возилото било поместено од пешачкиот премин во десната сообраќајна лента на улицата „Париска“.

Од МВР најавуваат дека по комплетирањето на документацијата, против Н.Т. ќе биде доставена соодветна пријава до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје.

Back to top button
Close