Димитриевски: Ставот на ЗНАМ за правосудниот испит е непроменет, очекуваме лидерска средба во декември


Ставот на политичката партија „Движење ЗНАМ за наша Македонија“ во однос на правосудниот испит останува непроменет, изјави вечерва претседателот на партијата Максим Димитриевски пред изборната конференција на која партијата го формира својот Клуб на жените.

​- Повторно ќе кажам, не постои можност за Македонија да си дозволи таков луксуз и со едно вакво решение да дојде во состојба да имаме судови во коишто ќе се судат Албанци, ќе се судат Македонци и ќе се судат останати. Судот е независна власт и тој треба да постапува кон сите граѓани подеднакво – рече Димитриевски.

​Според Димитриевски не може да се функционира во држава каде што прв и примарен службен јазик е македонскиот доколку не се познаваат правната регулатива и терминологија на оригиналниот службен јазик.

– Со една ваква дополнителна измена на законот сметам дека само би се искомплицирал правосудниот систем во државата, што значи нашиот став е непроменет. Ја чекаме лидерската средба за да ги слушнеме и останатите аргументи – изјави Димитриевски.

​На новинарско прашање за позицијата на ЗНАМ во владејачкото мнозинство, Димитриевски одговори дека ЗНАМ е посебен политички субјект кој ставовите ги гради на партиските форуми, односно на Извршниот и Централниот одбор.

​- Нашиот став е општопознат, не од вчера, туку од многу одамна. Овие ставови им се најавени на нашите политички партнери во власта уште при реконструкција на Владата – истакна тој, додавајќи дека партијата останува посветена на придонесот во работата на Владата и на имплементацијата на политиките ветени во предизборниот период.

ЗНАМ, вечерва во Скопје, на конференцијата со повеќе од 400 делегати, ќе го формира Клубот на жените на ЗНАМ.

Back to top button
Close