Маранди: Украина го нападна Кувајт за да му покаже на Трамп што сѐ може


Поранешен советник на иранскиот преговарач за нуклеарната програма Мохамад Маранди ја обвини Украина за вчерашниот напад врз Кувајт, при шо загинаа двајца Италијанци.

Тој тврди дека украинските сили дејствуваат во дел од Блискиот Исток, како и во северен Ирак и Сирија.

– Во Иран постои широко распространето верување дека нападот во Кувајт бил операција од типот „лажно знаме“, веројатно изведена од украинскиот режим, бидејќи негови оперативци се присутни низ целиот регион, вклучително и во северен Ирак и Сирија. Украина сака да му ги покаже своите способности на Трамп, објави Маранди на Икс.

Иранската новинска агенција Фарс, поврзана со Иранската револуционерна гарда, повикувајќи се на неименувани извори објави дека украински оперативци распоредиле илјадници беспилотни летала и други беспилотни воздушни системи во неколку земји на Блискиот Исток, вклучително и во ирачкиот регион Курдистан.

Министерството за одбрана на Кувајт соопшти дека остатоци од пресретнати ирански беспилотни летала вчера паднале врз воен објект, при што биле повредени четири лица. Двајца италијански државјани подоцна им подлегнале на повредите. Повредени се и еден кувајтски и еден пакистански државјанин, кои се пренесени во болница. Министерството не ја откри точната локација на воениот објект.

Италијанското Министерство за надворешни работи потврди дека загинатите Италијанци биле вработени во италијанската подружница на германскиот производител на воена опрема „Рајнметал“. Загинатите биле задолжени за одржување на опремата на системот за противвоздушна одбрана.

Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи уште вчера негираше дека иранската армија нападнала локација од стратешко значење во Кувајт. Тој истакна дека иранските вооружени сили не спровеле никакви офанзивни или воени операции во регионот.

Денеска шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи разговараше со своите колеги од Италија и Кувајт, Антонио Тајани и Шеик Џарах Џабер Ал-Ахмад Ал-Сабах и им понуди соработка во истрагата за инцидент.

– Во разговорите со моите колеги од Италија и Кувајт, изразив сочувство за смртта на италијанските државјани во Кувајт. Инцидентот е сомнителен и наликува на однапред подготвено сценарио за војна. Подготвени сме да соработуваме со Кувајт и Италија за да се утврди причината за инцидентот, наведе Арагчи.

Кувајт, еден од клучните сојузници на САД во Персискиот Залив, во повеќе наврати беше цел на ирански напади откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари.

Украина испрати експерти за беспилотни летала и дронови-пресретнувачи на Блискиот Исток за да помогнат во одбраната од иранските напади. Со тоа, Киев ја прошири својата одбранбена соработка со земјите од регионот, споделувајќи технологија и воено искуство стекнато за време на војната со Русија.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски во март изјави дека Киев, на барање на Вашингтон, испратил дронови-пресретнувачи и експерти за да помогнат во заштитата на американските воени објекти во Јордан. Украина исто така објави дека испратила тимови од воени експерти во Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија за да помогнат во одбраната од напади со ирански беспилотни летала.

Back to top button
Close