Кос: За спроведените 56 отсто од реформите, Македонија добива 71 милион евра и дополнителни 10 отсто од средствата од Планот за раст


Северна Македонија има спроведено 56 отсто од предвидените реформи во рамки на Планот за раст за Западен Балкан и во следната рунда на исплати ќе добие 71 милион евра. Ова денеска го соопшти еврокомесарката за проширување Марта Кос на прес-конференцијата по Самитот на лидерите на Западен Балкан посветен на Планот за раст што се одржа во Тирана под слоганот „Реформи, раст, интеграција – заедно кон Европа“.

Еврокомесарката посочи дека резултатите од спроведувањето на реформите во регионот се различни, при што три од земјите постигнале добар напредок, додека другите три не ги искористиле целосно можностите што ги нуди Планот за раст. Меѓу земјите кои постигнале напредок ја спомена и Македонија, иако процентот на спроведените реформи е значително понизок од оној на Црна Гора и Албанија.

„Црна Гора има спроведено 94 проценти од предвидените реформи. Тоа е импресивен процент, па во следната рунда на исплати ќе добие 81 милион евра. Албанија има спроведено 80 отсто од предвидените реформи и ќе добие 185,6 милиони евра. Ова е четврта исплата. Северна Македонија има спроведено 56 проценти од предвидените реформи и ќе добие 71 милион евра“,рече Кос на заедничката прес-конференција со премиерот на Албанија, Еди Рама.

Додаде дека Планот за раст е замислен така што ќе ги наградува постигнатите резултати, а средствата што нема да бидат искористени ќе бидат прераспределени на оние што покажале подобри резултати.

„Црна Гора и Албанија ќе добијат по 15 отсто повеќе средства во рамките на Планот за раст. Процесот е веќе започнат, па исплатите ќе се реализираат следната година. Северна Македонија ќе добие дополнителни 10 проценти. Честитки – ова го заслуживте преку вашите реформски заложби“,

рече еврокомесарката за проширување.
ЕУ ќе прераспределува значителни средства од Планот за раст кон трите земји од Западен Балкан со најголем напредок
За Србија рече дека Реформската агенда била договорена со претходната влада, која не ги спровела преземените обврски поради што Европската комисија од јануари нема извршено никакви исплати. Сепак, посочи дека сега постои можност за нов почеток и додаде дека претставниците на Студентската листа веќе добиле насоки за тоа како да се структурираат реформите со цел земјата да обезбеди пристап до што е можно повеќе средства.

Во однос на Косово, еврокомесарката рече дека формирањето на новата влада е можност за обнова на фокусот кон европскиот пат и надомест на пропуштеното во спроведувањето на реформите. Босна и Херцеговина, пак, како што кажа, сè уште треба да ги ратификува потребните договори за да се стекне со право за финансирање преку Планот за раст. Предупреди дека без напредок, би можела да ги загуби сите предвидени 1 милијарда евра.

Во обраќањето во Тирана, Кос се осврна и на постепената интеграција во Европската Унија, посочувајќи дека земјите од регионот ќе добиваат повеќе можности за пристап до единствениот европски пазар и пред полноправното членство. Меѓу приоритетите ги посочи енергетиката, транспортот и дигитализацијата и можноста за порано вклучување на претставници од земјите кандидатки во одредени европски институции.

„Затоа, да ја искористиме последната година од Планот за раст за да го забрзаме овој процес, да ги спроведеме реформите и да ги унапредиме економските можности во регионот“,порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Back to top button
Close