“Јачи смо од пресуде”!

Мигел де Сервантес смета дека со пеењето всушност ги плашиме нашите таги со цел да ги избркаме од нас. И некако си ја олеснуваме душата.

„Јачи смо од судбине“ е најомилената песна на долгогодишниот формален и неформален лидер на Србите во БиХ Милорад Додик. Хоби му е перманентно да се заканува со отцепување. Брутален и вулгарен во однос на ЕУ (понекогаш и на САД). За нормални сојузници ги смета само Русија, Унгарија и Србија, а во последно време и нас!

Како да не знаеме дека треба да се пазиме од будали, оти тој и од нас ќе направи такви. За демократскиот запад тој веќе има одличен арсенал епитети: „Смрдливи Европејци“ „Еб.ни Германци“ „Мртва Европа“. Дел од нив ги слушнавме и во Скопје. Тој често бара да се сретне со Путин во Москва, кому ептен е здодевен. Во една прилика побрза да го прегрне, но тој одби, и дрско го оттурна.

Додик со своите театарски настапи, пак најави отцепување на половина Босна и Херцеговина, а всушност тој со таков потез гради свој став на домашниот терен и очигледно е бескрупулозен во тоа. Наводно не бил таков на почетокот на својата политичка кариера, но, во најмала рака тој е некаков прост калкулант. A познато е дека откако срамот ќе исчезне, тој никогаш веќе не се враќа.

 

Мило – најбогат во регионот?!

Додик е еден од најбогатите политичари во регионот, ако не и најбогат. Поседува огромно земјоделско земјиште, монопол во градежништво и ИТ индустриите, бројни ресторани, други угостителски објекти, медиуми. Бројни новинари и невладини организации тврдат дека „нема нешто во што неговото семејство немало рака“. Неговото богатство се преценува на повеќе стотина милиона евра. А пред тоа бил обичен „голтар“ велат тие. Поседува огромна вила во Белград, а има огромен имот во Лакташи, станови насекаде и огромна семејна куќа.

За време на војната не бил активен во воени структури, ама јавно се занимавал со прошверцување прехрамбени производи, гориво, цигари итн. Од тогаш го носи прекарот „Миле-Ронхил“. Станал богат од воено профитерство, ама политички дотогаш бил маргиналец. Но, кога Милошевиќ под притисок на САД морал да ги откачи старите српски компромирани кадри во БиХ, на Додик му сугерира да формира некаква умерена социјалдемократска партија. Значи, се додека Милошевиќ под притисок на САД не одлучи да ги исфрли од играта тогашните босанко-српски политичари кои веќе носеле етикети „воени злосторници“ (Караџиќ, Плавшиќ, Младиќ итн.). Но, идилата меѓу Милошевиќ и „послушниот“ Додик не траел долго. Веќе во пролетта 1999 година, по сеопфатниот напад на НАТО врз Србија, Додик и обезбеди на Алијансата неколку „мали“, но важни „облици на внимание“. Тој го отстранил од Република Српска отровниот „Топчидер“ динар на Милошевиќ од платниот систем на „неговиот ентитет“, со што и го прекинал финансискиот крвоток на Србија. Потоа великодушно му ја отстапил територијата на Република Српска на „НАТО-агресорот“ како неопходна платформа за информации, пропаганда и разузнавачки операции против Белград. Истовремено ги спречи Србите од оваа страна на Дрина, кои се уште беа жешки за војна, да се солидаризираат со своите браќа од соседството во одбрана на српството.

 

Од „западњак“ до „путинист“!

Како лидер на Србите во БиХ, тој ја третира Република Српска како своја приватна држава. Речиси и да нема сектор во кој неговите компании на овој или оној начин не се поврзани со матни бизниси. Едноставно Додик стана симбол на мега-организиран криминал во својот ентитет и пошироко. Па затоа доби силни санкции од САД и Велика Британија – во вид на тежок облик црна листа. Но тој тогаш охрабрен од блискоста со Путин, на Американците и Британците им порача: „да ги врзат тие санкции за опашката на мачката“!

Но, кога стана убеден дека Трамп победува во САД, тој често во јавните настапи ја носеше трамповата капа „MAGA“, дурил богато славел за победата, оти силно верувал дека ќе биде третиран за негов сојузник! Дури, бил убеден дека САД ќе бидат против студентските протести во Србија, па лесно упаднаа во замката на Вучиќ кој смислил план како да ја спаси својата политичка кожа токму од тие масовни студентски протести. Го подучил Додик да ги забрани клучните федерални институции на БиХ да дејствуваат во Република Српска, наводно како реакција врз пресудата против него, која на „чуден начин“ била донесена токму на златно време за Вучик, кој никако да најде формула како да се спаси од студентите!

Вучиќ, „алармантно“ со специјален авион тргна кон Бања Лука и за првпат држеше говор од авион, откако претседателот на Република Српска Милорад Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана да се занимава со политика од Судот на БиХ поради непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит. „Ја завршивме седницата на Советот за национална безбедност и еве сме во авионот на пат за Бања Лука по срамната пресуда…која има за цел уништување на Република Српска… Утре сме соочени со санкции од шест часот наутро поради „НИС“, а во тек се обиди за највалкана обоена револуција, а мојата порака до сите е дека и покрај се и покрај напорите на многумина да ја урнат Србија и српскиот народ, ние ќе победиме„ – заврши Вучиќ од авион. Вучиќ дури инструирал и некои црногорски политичари во ваквата глупава и евтина „стратегија“ за победа над студентите.

Но, среќата често кратко трае. Понекогаш, токму таму кај што надежта спие, будно те чека несреќата! Експресно од САД стасал ептен „катил ферман“ со име и презиме на Додик, од страна на државниот секретар на САД Марко Рубио: „Дејствијата на претседателот на Република Српска Милорад Додик ги поткопуваат институциите на БиХ и ја загрозуваат нејзината безбедност и стабилност“. И ги повика партнерите во регионот да му се придружат на Вашингтон во спротивставувањето на ова „опасно и дестабилизирачко однесување“. Ние како пoддржувачи на „новото нормално“ почнавме да делуваме како ненормални! Не успеавме на време да разбереме дека не треба да се приоѓа на јарец од напред, на коњ одзади и на будала од која било страна.

Филмот заврши за Додик. Ова е крај на неговата политичка кариера. Најверојатно ќе си ја плати затворската казна, затоа што законот го дозволува тоа, се додека казната не е поголема од една година, но конечно ќе мора да се збогува со политиката. Што ќе биде со неговите криминали, тоа е втората епизода на филмот!

Ќе му недостигаат прегратките со Путин. Тој како Додик веќе никому не му треба, освен на некој друг суд за многу други работи. Но, факт е дека Додик има исклучителен талент за пеење. Неговата омилена песна е „Јачи смо од судбине“. Но, некако не му успеа да ја научи песната „Јачи смо од пресуде“!

 

Мерсел Биљали

 

 

 

 

Back to top button
Close