Џафери и координаторите утре ќе се координираат каде и како да се презентира договорот со „Бехтел и Енка“

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, утре треба да одржи средба со координаторите на пратеничките групи, а една од темите се очекува да биде и тоа како и во која собраниска комисија би се презентирал договорот на Владата со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинари пред неколку дена најави дека е можен договор на оваа координативна средба, но прашање е дали со него ќе се согласат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор Никола Мицевски не присуствува на средбите.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пред десетина дена преку писмо побараа од премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот, кој е класифициран, на народни избраници што се со безбедносен сертификат. Во ВМРО-ДПМНЕ, такви се деветмина.

Владата потоа најави дека нејзини претставници и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат документацијата и деталите од договорот, но од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека не може само да им биде презентиран договорот бидејќи оние што поседуваат безбедносен сертификат имаат право на пристап до секој документ со назнака „државна тајна“.

Премиерот Димитар Ковачевски во петокот зборувајќи за тоа кога договорот ќе биде претставен пред пратениците, рече дека очекува да добие повратна информација од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Back to top button
Close