Јакимовски за Лукровски: Човекот едноставно не се пронајде во оваа работа, си го нарушил комодитетот

Поранешниот прв човек на Карпош, Стевче Јакимовски, во гостувањето во Ноќно студио на „4ТВ“ даде своја анализа за предизвиците на локалната власт, посочувајќи дека многумина влегуваат во градоначалничката трка без да бидат свесни за жртвата што ја бара таа позиција.
Коментирајќи го боледувањето на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски, Јакимовски откри дека таквиот потег бил најавуван подолго време меѓу упатените, објави 4news.mk Според него, главната причина е неможноста на поединецот да се прилагоди на темпото што го наметнува институцијата.
„Човекот едноставно не се пронајде во оваа работа. Изјавуваше дека си го нарушил комодитетот, дека имал поголеми примања на претходното работно место и дека семејниот живот му трпи. Веројатно не бил свесен дека во општината се работи 24 часа. Телефонот мора да ви биде вклучен во 2, 3 или 4 часот наутро – вие мора да бидете достапни за граѓаните,“ истакна Јакимовски.
Коментирајќи ги наводите дека градоначалникот наводно одбива да потпише одредени документи за да си го зачува рејтингот, Јакимовски беше дециден – тоа е административно невозможно ако сè е според законот.
„Тоа е чиста измислица, За да добиете градежна дозвола, мора да постои Генерален план и Детален урбанистички план каде точно пишува што може да се гради. Ако имате парцела и маркица, во одредбите точно стои колку квадрати се дозволени. Што е тоа што тој ‘не сака’ да потпише? Не постои такво нешто ако документацијата е чиста“, појаснува Јакимовски.
Јакимовски смета дека главниот проблем не се законите, туку неспремноста на поединецот да се соочи со обемната правна материја и секојдневните маки на граѓаните. Тој повлече паралела со претходната кариера на неговиот наследник во приватниот сектор.
„Мислам дека на неговото претходно работно место ангажманот бил минимален. Фирмата била направена да добива државни тендери, тие биле добро платени и работата била релаксирана. Општината е нешто сосема друго. Граѓанското право е опширна материја. Не можеш за секое прашање да ги викаш службите. Првите два месеци можеш така, но потоа мораш самиот да навлезеш во проблематиката.“, вели Јакимовски.
Според Јакимовски, суштината на проблемот во Карпош во моментов е бегањето од одговорност и неспособноста да се менаџираат разните барања на луѓето кои доаѓаат во општината.
„Човекот едноставно не е подготвен да се носи со секојдневните проблеми. Ова е одговорна работа која бара концентрација, а не политички изговори за неработење“, заклучи тој.






