Аксиос: Трамп жестоко му се нафрлил на Нетанјаху поради нападите во Либан
Американскиот претседател Доналд Трамп наводно упатил остри критики кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на телефонски разговор посветен на ескалацијата на конфликтот во Либан, објави порталот „Аксиос“, повикувајќи се на американски претставници запознаени со содржината на разговорот.

Според изворите, Трамп бил видно вознемирен од најавите за можни нови израелски напади врз Бејрут и предупредил дека таквиот потег дополнително би го изолирал Израел на меѓународната сцена.
„Потполно си луд. Ќе беше во затвор ако не бев јас. Ја спасувам твојата политичка кариера. Сега сите те мразат. Сите го мразат Израел поради ова“, наводно му рекол Трамп на Нетанјаху, според еден од изворите на „Аксиос“.
Друг американски претставник изјавил дека Трамп бил бесен за време на разговорот и во еден момент извикал: „Што по ѓаволите правиш?
Американските извори наведуваат дека Трамп смета оти Израел има право да одговори на нападите на Хезболах, но истовремено изразил загриженост поради, како што ја оценил, несразмерната ескалација на конфликтот во последните денови.
Тој наводно посочил и на големиот број цивилни жртви во Либан, спротивставувајќи се на уништувањето на цели објекти со цел елиминирање на поединечни команданти на Хезболах.
Според еден израелски претставник, Израел по разговорот се откажал од дел од планираните напади врз цели на Хезболах во Бејрут.
И покрај тензиите, Трамп и Нетанјаху продолжиле да соработуваат по прашањата поврзани со Иран и пошироката безбедносна состојба на Блискиот Исток. Според изворите, ова бил еден од најтешките разговори меѓу двајцата лидери откако Трамп повторно се врати во Белата куќа.
По разговорот, Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“ објави дека разговорите со Иран продолжуваат со забрзано темпо. Тој истовремено соопшти дека е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.
Од своја страна, Нетанјаху изјави дека му пренел на Трамп оти Израел ќе ги нападне целите во Бејрут доколку Хезболах не ги запре нападите, додавајќи дека израелските сили ќе продолжат со операциите во јужен Либан.
Засега нема официјална потврда од Белата куќа за содржината на разговорот објавена од американските медиуми.






