Активен пожарот меѓу охридските села Вапила и Расино, изгаснати 20 пожари во изминатото деноноќие

Утрово има еден активен пожар, а 20 се изгаснати во последното деноноќие при што е опожарена сува трева и ниска вегетација. Било интервенирано и на гасење пожари на неколку куќи, плевни и овоштарник, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно добиените информации од регионалните центри за управување со кризи од градовите во државата.

Се уште активен е шумскиот пожар во планината меѓу охридските села Вапила и Расино. Гори деградирана шума. Досега се опожарени околу 12 хектари површина.

Територијалната противпожарна бригада од Охрид и денеска е на терен со едно противпожарно возило и шест пожарникари. Од утрово од 5 часот на терен се вкупно околу 50 луѓе. Пожарот гори на три страни и се прават напори за негово обиколување, но поради тешкиот терен гасењето оди отежнато.

Пожарот кај селото Фурка нема активно горење и е локализиран во 19 часот. На терен се останати екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, а другите се повлечени. Во текот на денот ќе се изврши контрола на опожарената површина за проверка на местата од каде што се уште има чад.

Од ЦУК информираат дека било интервенирано и на депонија кај селото Добрашинци во општина Василево и на запалено ѓубре во Јурумлари во скопската општина Гази Баба. Кај Градско и кај селото Виничани била опожарена сува трева. Кај светиниколската месност „Ливади“ е интервенирано за запалена сува трева, а слична интервенција имало и кај селото Теарце. Сува трева била опожарена и кај битолското село Крстоар, а интервенирано е и во близина на автопат кај селото Табановце.

Во Охридско, кај с.Велестово е интервенирано на запалена куќа, а кај кичевското село Другово била запалена куќа и плевна. Во населбата Доброшане во Куманово изгорела штала, а во пожар во местото „Стари Лозја“ изгорела една куќа.

Во Општина Липково, кај селото Никуштак е интервенирано на гаснење сува трева и борова шума, а во Старо Нагоричане, кај селото Макреш на гаснење сува трева. Во Крива Паланка, кај селото Луке е интервенирано на гаснење запалена ниска вегетација и насади со овошки (сливи и јаболки), а кај селото Псача е гаснета сува трева. Во Скопје, во општина Бутел е интервенирано на гаснење сува трева, а во општина Шуто Оризари имало запалена депонија.

Back to top button
Close