Али Јусуф: Мора да престане истребувањето на палестинскиот народ

Истребувањето на палестинскиот народ мора да престане, изјави денеска претседателот на Комисијата на Африканска Унија, Махамуд Али Јусуф од Џибути, на отворањето на 39. годишен самит на АУ.
– На Блискиот Исток, Палестина и страдањето на нејзиниот народ исто така ја повикуваат нашата совест. Истребувањето на овој народ мора да престане – наведе Али Јусуф.
Тој зборуваше и за тековните конфликти ширум Африка.
– Од Судан до Сахел, до источниот дел на Демократска Република Конго, Сомалија и пошироко, нашите луѓе продолжуваат да плаќаат висока цена на нестабилноста. Обидот за замолкнување на оружјето на нашиот континент се покажа како тешка мисија. Политичката и институционалната кревкост во голем број од нашите земји е причина за загриженост, а отворените и латентните конфликти стануваат хронични – посочи Али Јусуф.
Во главниот град на Етиопија, Адис Абеба денеска и утре се одржува Самит на АУ.
Африканската Унија е создадена во 2002 година и е наследничка на Организацијата на африканско единство, што беше формирана на 25 мај 1963 година. Во АУ членуваат сите 55 африкански држави. Африканската Унија се залага за единствена валута, за обединување на воените сили, но и сите други институции на земјите-членки. Целта на АУ е да и помогне на демократијата на африканските држави, човековите права и економијата на африканските држави особено преку прекинување на внатрешните конфликти и создавање на единствен пазар.






