Амбасадата на САД во Подгорица ги предупреди граѓаните за кибер напади врз инфраструктурата на Црна Гора

 Во Црна Гора во тек е упорен и континуиран кибер напад, предупреди амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Подгорица.
„Нападот може да вклучи прекини во јавниот комунален сектор, транспортот (вклучувајќи ги граничните премини, како и аеродромот) и телекомуникацискиот сектор”, се вели во соопштението.

„Дејствата што треба да ги преземете се: да бидете свесни за вашата околина, да го ограничите движењето и патувањето до најважните работи, да ги прегледате вашите лични планови за безбедност, да имате патни документи ажурирани и лесно достапни и да ги следите локалните медиуми за вонредни вести”, објавено е на веб-страницата на Амбасадата на САД.

НАТО е запознаен со извештаите за кибер напади во Црна Гора и е подготвен да им помогне на црногорските власти, изјавија за Гласот на Америка од Алијансата во врска со зачестените хакерски напади врз владината ИТ структура.

Премиерот Дритан Абазовиќ рече дека засега сè е прашање на шпекулации за тоа кој стои зад кибер нападот на државните институции во Црна Гора, додека министерот за одбрана Рашко Коњевиќ и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) објавија дека сè укажува дека „руски служби стојат зад нападот”.

Црна Гора од доцна синоќа е изложена на нова серија организирани кибер напади врз владината информатичка инфраструктура. Примарна цел на нападот е структурата на државните органи.

Back to top button
Close