Амбасадорите на Германија и Франција напуштија средба пред Рама да зборува за фискалната амнестија, која не ја поддржува ЕК

Ставот на Европската комисија искажан деновиве дека Нацрт-законот за фискална амнестија што го предлага албанската Влада е опасност за угледот на Албанија и слабеење на контролата во перењето пари, непосредно го потврдија двајца дипломати на денешната средба што Владата ја одржа на оваа тема, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Инцидент на денешната средба организирана од Владата за да ги расчисти сите аргументи за и против фискалната амнестија. Амбасадорката на Франција, Елизабет Барсак и нејзиниот германски колега, Петер Зинграф го оставија без зборови премиерот Еди Рама, откако ја напуштија конференцијата, кога шефот на Владата почна да зборува, пренесува агенцијата Балкан веб.Според истиот извор, двајцата дипломати биле седнати во првиот ред за гости и ги ислушале внимателно министерката за финансии Делина Ибрахими, вицепремиерот Арбен Ахметај и експерт од Велика Британија, кои ги објасниле спецификите на законот и придобивките од владината иницијатива.

– Но, во моментот кога Рама зеде збор, француската амбасадорка му даде знак на германскиот дипломат, како да му покажа дека е време да го напушти местото и во тој момент и двајцата заедно ја напуштија салата. Нивното заминување беше снимено од задолжената владина служба на неколку секунди, додека фокусот брзо се префрли на премиерот, чие лице оставаше впечаток на човек запрепастен од овој гест на амбасадорите, додава агенцијата.

По пауза од неколку секунди, премиерот почнал да им се обраќа на отсутните амбасадори, а од странците побарал да не ја третираат Албанија како непријател, а ваквото однесување за оваа иницијатива на Албанија „недостиг на почит кон Албанија да има своја амбиција“.

– Да бидеме на чисто, законот ќе го биде. Бараме взаемна почит, рекол Рама.

Инаку, во соопштението што го дистрибуираше делегацијата на Европската унија во земјата се наведува дека постои „сериозна загриженост по ова прашање“, оценувајќи дека е „суштински ризик за угледот на земјата“ и дека ја „ослабува контролата на Албанија против перење пари“.

– Комисијата искажува сериозна загриженост за актуелниот Нацрт-закон за фискална амнестија. Тоа би ги ослабело контролите на Албанија против перење пари и многу малку ќе придонесе во подобрувањето на способноста на даночната администрација да ја подобри идната усогласеност со даночните барања. Предложениот документ предизвикува сериозна загриженост за земјите-членки на ЕУ и другите партнери и е значителен ризик за репутацијата на земјата, се наведува во соопштението на ЕК.

Back to top button
Close