Амбасадорката на САД со остро писмо до македонските судии: Загрижена и разочарана сум од големиот број предмети (од високи профили) кои Апелација ги врати на повторно судење

Амбасадорката на САД, Ангела Прајс Агелер, на 11 април годинава, испратила писмо до судските и до извршните органи, во кое ја изразува својата и загриженоста на САД за, како што вели, поништени решенија против високи профили кои Апелациониот суд ги врати на првостепена постапка, објави ексклузивно Алсат.

Во писмото до кое дошол Алсат од извори во Владата, се истакнуваат и напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството.

„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд, дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, се наведува во писмото од амбасадорката Агелер.

Запрашана за ова писмо, вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска изјави дека одлуките на Апелацискиот суд за поништени решенија во случаи против високи профилирани лица се сериозен проблем и оти пораките што доаѓаат од САД конечно ќе повлијаат на правосудните органи одлуките да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна.

– Потполно се согласувам дека тоа е многу сериозен проблем и дека сите активности што ги имаме ние како кабинет, изјавите што ги даваме, заедничките активности што ги имаме и со другите институции, меѓутоа и од многу отворените пораки од страна на американската aмбасада, од Европската Унија, од останатите наши меѓународни партнери, дека конечно ќе повлијаат на правосудните органи дека одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна, исклучиво во согласност со закон, затоа што нашите граѓани заслужуваат правдата да биде подеднаква за сите. Се надевам дека сите овие укажувања ќе придонесат конечно за постапување онака како што доликува на еден професионален правосуден систем со интегритет – истакна Грковска во изјава по тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.

Back to top button
Close