Американската централна банка повторно ги зголеми каматните стапки

ФЕД ги зголемува трошоците за задолжување во обид да ги стабилизира цените

Американската централна банка повторно ги зголеми каматните стапки, и покрај стравувањата дека овој потег би можел да придонесе за финансиски превирања по низата банкарски неуспеси.

Федералните резерви ја зголемија основната стапка за 0,25 процентни поени, нарекувајќи го банкарскиот систем „здрав и сигурен“, пренесува Би-би-си.

Но, исто така, предупредија дека последиците од неуспесите на банките може да му наштетат на економскиот раст во месеците што следат.

ФЕД ги зголемува трошоците за задолжување во обид да ги стабилизира цените. Повисоките каматни стапки значат дека се зголемуваат трошоците за купување дом, позајмување за проширување на бизнисот или преземање други долгови. Со зголемување на каматните стапки, ФЕД очекува пад на побарувачката и намалување на цените.

Основната каматна стапка за еднодневни депозити е фиксирана од 4.75 до 5.00 отсто. Ова беше девето зголемување досега во напорите на ФЕД (Централната банка на САД) да се намали инфлацијата во изминатите две години.

Но, наглото зголемување на каматните стапки од минатата година доведе до оптоварувања во банкарскиот систем.

Две американски банки – Силикон Валеј Банк и Сигнатуре Банк – пропаднаа овој месец, делумно поради проблемите предизвикани од повисоките каматни стапки.

Пропадна една од најголемите банки во технолошкиот сектор на САД

Постои загриженост за вредноста на обврзниците што ги чуваат банките бидејќи зголемувањето на каматните стапки може да ги направи тие обврзници помалку вредни.

Минатата недела Европската централна банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 процентни поени.

Back to top button
Close