Американскиот Сенат изгласа закон за одбрана во износ од 858 милијарди долари


Американскиот Сенат усвои закон со кој се одобруваат рекордни годишни трошоци за одбрана од 858 милијарди долари, што е за 45 милијарди долари повеќе од предлогот на претседателот Џозеф Бајден.

Сенаторите вчера го поддржаа Законот за национална одбрана (НДАА) за фискалната 2023 година со огромно мнозинство на сенатори од Републиканската и Демократската партија – 83-11.

Во рамките на предвидените 858 милијарди долари буџет е и зголемување на платите на војниците за 4,6 отсто, набавка на оружје, бродови и авиони, вклучително и борбени авиони Ф-35, како и поддршка за Тајван и Украина.

Законот содржи и одредба побарана од многу републиканци, која повикува на укинување на задолжителната вакцинација против Ковид-19 за припадниците на вооружените сили.

Претставничкиот дом минатата недела ја усвои оваа компромисна верзија на законот со 350 членови за и 80 против, што далеку го надмина двотретинското мнозинство потребно за усвојување на законот и испраќање до Сенатот на гласање.

Законот сега ќе биде испратен во Белата куќа, каде што се очекува американскиот претседател Бајден брзо да го потпише

Back to top button
Close