Американскиот Сенат усвои предлог-закон за финансирање на Владата во висина од 1.700 милијарди долари


Американскиот Сенат синоќа усвои нацрт-закон за трошење со кој ќе се обезбеди финансирање на владините институции и агенции до септември 2023 година, јави Гласот на Америка.

Сеопфатниот пакет за трошоци е вреден 1.700 милијарди долари, од кои околу 45 милијарди се наменети за воена и економска помош за Украина.

По неколкудневни преговори, сенаторите го усвоија законот со двопартиска поддршка со 68 гласа за и 29 гласа против.

Сега следува гласање во Претставничкиот дом на Конгресот и доколку биде изгласан, законот треба да го потпише претседателот на САД, Џозеф Бајден.

Предлог-законот се очекува брзо да помине во тој дом на Конгресот, бидејќи демократите имаат тесно мнозинство.

Бајден треба да го потпише законот денеска пред полноќ за да избегне делумен прекин на работата на владата.

Предлог-законот од 4.155 страници вклучува околу 772,5 милијарди долари за дискрециони програми кои не се однесуваат на одбрана и 858 милијарди долари за финансирање за одбраната.

Претставниците на Конгресот работеа во последните неколку недели со цел да вклучат што е можно повеќе приоритети во големиот пакет, имајќи предвид дека мандатот на членовите на Конгресот избрани на ноемвриските избори ќе почне во јануари и оти републиканците ќе го преземат мнозинството во Претставничкиот дом

Back to top button
Close