AНАЛИЗА: “Ценовен хаос” – во дел од маркетите маслото за јадење и лебот поевтини, во најава ценовен пад и на други производи!


Владата одлучи – за фирмите од прехранбената индустрија пониска цена на струјата што треба да резултира со поевтинување на основните прехранбени производи, пишува Portalb.mk. Иако првите ефекти се очекуваат од 1 ви декември, деновиве во повеќе маркети се забележуваат ценовни осцилации – производи од исти бренд се продаваат по различна цена, лебот и маслото за јадење во дел од продавниците веќе се со пониска цена.

(Не)реално “набилдани” цени…

Граѓаните со полупразни корпи за пазарење, селективно одбираат што ќе купат. На светските пазари неколку месеци по ред се намалуваат цените на основните прехранбени производи и суровини. Ова се двата клучни фактори поради кои во дел од маркетите цените на дел од призводите се намалени.

“Порталб” направи обиколка во неколку маркети од најпосетуваните трговски ланци. Ист бренд на масло за јадење во една продавница е со цена од 155 денари по литар а во друга се продава за 129 денари. Раководителите на маркетите ни потврдија дека цената на маслото за јадење е корегирана надолу.

“Да точно е , добивме известување да ја намалиме цената на маслото на 129 денари” – ни рекоа од маркетот.

И лебот е со нова пониска цена во дел од продавниците.

“Овој леб што го плаќав 51 денар сега го купив за 41 денар, и јас се изненадив од цената” – вели жител на скопски Карпош.

Во различни маркети исти производи се продаваат по различни цени што создава слика на ценовен хаос.

“Не сум забележала дека маслото од сончоглед што го користиме дома секојдневно е со пониска цена, освен ако не е на некој акција со попуст. Еве 700 мл го платив 107 денари со попуст. Еден литар пак во еден маркет се продаваше за 155 денари. ” – вели жителка на скопски Аеродром.

Цените на основните прехранбени производи треба да се намалат од 1 ви декември откако Владата и официјално соопшти дека 150 фирми од прехранбената индустрија ќе добијата пониска и загарантирана цена на струјата. Според пресметките цената на лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, треба да се намали за 10 тина проценти.

Дали поевтинувањата доаѓаат “задоцнето” со оглед на тоа што на светските пазари веќе неколку месеци по ред е регистриран пад на цените на основните прехранбени призводи ?

Сигналите од светските берзи и од проценките на ФАО покажуваат дека изминатите месеци цените на основните прехранбени производи и суровини, но и цената на електричната енергија и на гасот, се во пад. Трендот на намалување на цените на светските пазари продолжи и во септември, на месечно ниво месото поевтини за 0,5%, шеќерот за 0,7% а се намалува и цената на растителното масло.

И покрај овие сигнали анализите на Народната банка и натаму покажуваат дека Македнија како увозно зависна и натаму е на “удар” на инфлациски притисок.

“Нагорните ревизии за инфалцијата се должат на очекувањата за повисока инфлација кај сите наши увозни партнери, при што најголем придонес за двете години во просек имаат Германија и земјите од регионот, Србија, Хрватска и Словенија” – велат од НБМ.

Цените во земјава веќе достигнаа историски пикови иако веќе неколку месеци маржите беа замрзнати, се ограничи и извозот на пченица и брашно па дури и се укинаа царините за млеко и павлака.

“Растот на цените на храната пред сѐ е резултат на зголемувањето на цените во категориите „млеко, сирење и јајца”, „леб и житни производи” и на месото, и покрај преземените мерки за ублажување на ценовните притисоци поврзани со ограничувањето на трговските маржи кај дел од овие производи, ограничување на извозот на пченица и брашно и укинување на царината за увоз на млеко и павлака” – наведуваат од Народната банка.

И покрај овие мерки цените се зголемија, за некои производи дури и за 50%, по што се отвори прашање за можно профитерство во време на криза и ценовни манипулации.

Инфлацијата “подгреана ” и од растот на платите и пензиите ..

Високата, двоцифрена инфлација во земјава освен од цените е подгреана и од растот на платите. Во Македонија веќе се зголеми минималната плата што предизвика и раст на другите платите, во септември се зголемија и пензиите за 6,8%.

“Испитаниците исто така сметаат дека најавените зголемувања на платите и пензиите, како и засилувањето на кризата во снабдувањето со енергија би можеле да доведат до евентуални дополнителни инфлациски притисоци. Од друга страна, мерките коишто се преземаат од страна на носителите на монетарната и фискалната политика би можеле да го ублажат ценовниот раст” – наведуваат економистите во најновата Анкета на НБМ.

Очекувања за инфлација

Нова анкета Претходна анкета

2022 година 12,6% 9,5%

2023 година 7,1% 5,5%

2024 година 4,4% 3,9%

Оптимизам навестуваат проценките дека следните две години се очекува едноцифрена инфлација , но и овие проценки се “под знак прашање” поради неизвесноста од времетраењето на воениот конфликт во Украина. Од Министерството за финансии најавија дека следната година се очекува едноцифрена инфлација, но сепак условена од енергетска и економска криза.

Back to top button
Close