Јанчев: Има индиции дека пожарот во „Мелци“ е подметнат – тоа не е само напад врз депонијата, туку и врз градот

Противпожарните екипи и денеска ќе продолжат со интензивна интервениција на пожарот што вчера попладне избувна на кавадаречката депонија „Мелци“, соопшти градоначалникот на Општината, Митко Јанчев, доцна синоќа. Тој во објава на социјалните мрежи вели дека екипите ќе работат додека не биде изгаснато и последното жарче и не се создадат услови за целосно ставање на пожарот под контрола.

Според Јанчев, досегашните сознанија и начинот на избувнувањето на огнот отвораат сериозни индиции дека станува збор за пожар кој е подметнат.

 

„Ова не е само напад врз депонија – ова е напад врз градот, граѓаните и животната средина“ напиша тој на својот официјален фејсбук-профил.

Во таа насока, тој вели дека надлежните институции мора до крај да го истражат случајот, упатувајќи порака дека оние што намерно ги загрозуваат задравјето и безбедноста на граѓаните мора да одговараат.

Како што информира градоначалникот на Кавадарци во одделна објава на Фејсбук, вчеравечер се одржала итна седница на Кризниот штаб за справување со пожарот, со која раководел тој. На неа биле присутни претставници на Советот на Кавадарци, на Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кавадарци, од локалната Територијална противпожарна единица, Јавното претпријатие „Комуналец“, од проектот „Мој Општинар“ и општествено одговорни компании.

Според заклучоците од седницата на Кризниот штаб, пожарот е локализиран, а активностите за негово целосно гаснење продолжуваат и денеска во раните утрински часови.

Јанчев информира дека во акцијата се вклучуваат приватни компании од Кавадарци со сопствената механизација, а координацијата и распоредувањето на противпожарните сили на терен ќе го вршат Територијалната противпожарна единица Кавадарци и Јавното претпријатие „Комуналец“.

„Кризниот штаб продолжува непрекинато да ја следи состојбата и да презема мерки до целосно гаснење на пожарот“,пишува градоначалникот на Кавадарци на крајот на објавата.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, синоќа соопшти дека пожарот на кавадаречката депонија е делумно изгаснат, а огнот што излезе надвор од неа е совладан.

Но, како што додаде тој, од депонијата сè уште има чадење поради внатрешно согорување.

На огнената стихија, информира тој, се интервенирало со гаснење со вода, во што биле вклучени и две возила БТР на ДЗС, кои можат да фрлаат вода до 100 метри. Но, бидејќи тоа не дало целосен резултат, гаснењето продолжува со затрупување на депонијата.

Според утринскиот пресек за состојбата со пожарите до 7:30 часот, пожарот на депонијата „Мелци“, како и уште три, се водат како огнени стихии кои се ставени под контрола.

Back to top button
Close