Андоновистика (втор дел)

Кога после долги дебати, убедувања и натегања конечно донесување на одлуката сеопфатното сексуално образование од наредната учебна година да почне ако пилот проект  во четири училишта во Скопје и Тетово, онака искрено се израдував.

Денововиве повторно ни се укажа нужноста од правилно адресирање на комплексните прашања, од кои како посебно неопходен се јавува оној аспект од курсот фокусуран на насилството. Перфидните форми на нагова манифестација, потенцијалот да не биде забележано, да се толкува погрешно, да се гледа како изолирана појава а не како производ на традиција и социјална патологија која долго се толерира, создава индивидуи кои манифестираат претерана емотивна флексибилност, прифаќање на перфидна емотивна доминација, се со цел да ја задоволат сликата на човек кој е „вреден за љубов“. Почесто жена која е вредна за љубов.

На првиот прес за презентација на проектот беше кажано дека ССО ќе има фокус и на „превенција од сексуалното вознемирување и насилство „ќе се зборува за „прифаќање на себе, на своето тело, за градење релации со другите луѓе, создавање партнерски однос, дискусија околу своите емоции“ за да се намали бројот на млади кои „неинформирани влегуваат во одредени релации и односи, на погрешен начин, често повредувани, често злоупотребувани и често неприфатени од околината и од себе“.

Ок, се отвара простор за создавање на сигурен простор каде ќе се дискутират и далеку покомлексни прашања од контрацпецијта, заштитата од СПБ и тој технички дел кој образованието го покривало и до сега.

Случајот со сексуалните и злоупотреби и силувања од страна на српскиот „педагог“ Алексиќ многу јасно ги детектираше проблемите во системите на образованието во регионот, традиционално конзервативен кога е во прашање сексуалното боразование (сите промени се случуваат последните неколку години). Иако „лице“ и мотор на случувањата им даде првото сведоштво на Милена Радуловиќ лично сметам дека тајното лице на проблемот е повоочливо во деталите од сведоштвата на уште неколку девојки. Клучни моменти би биле:

„Го поништи авторитетот на родителите, многу интелигентно, поставувајќи се себеси како апсолутно доминантен. Тоа предизвикува не само страв и почит, туку и голема љубов. Кога има толку многу љубов, чувствувате дека му припаѓате, дека постојано му должите нешто и кога ќе се случат (м.з.патолошки поврди ги „оправдувате“ не ги препознавате како такви)  размислувате дека тој ви посакува добро и дека сето тоа го прави за ваше добро“

Или

Го преземав неговиот срам, се чувствував како соучесник. Бев мала, не сфаќав дека не сум соучесник, туку жртва на исклучително интелигентен човек кој постојано велеше дека ме познава во душата. И навистина ме познаваше“

Или

„Зборуваше еден час за самодовербата на жените и за фаталните жени. Велеше дека не постои самодоверба на жената што ветерот не може да ја однесе, треба само да пукнеш со прстите и жената ќе падне. Цело време ме гледаше во очи. Токму поради него самодовербата ми беше нула, но не бев ни свесна. Го гледав со воодушевување! (…) Знаев дека не е нормално некој на возраст од 66-67 години да ме допира, беше одвратно, но сепак не се ни посомневав дека има какви било намери што не беа педагошки и за мое добро. Тоа е тој болен страв, не можете да го разочарате, воопшто не“.

Таков тип на репетитивни слики укажуваат на тоа дека проблемот е системски и не смее да се остави на доменот „домашно воспитание“. Таквото игнорантно табуизирање е во позадина на ситуациите слични на горенаведените. Секој(а) од нас чула дека „се крие во влез“ или „ќе и стави дрога во пијачката“. Многу поретко дека може „да ја познава длабоко во душата“.

До тука, ССО е НЕОПХОДНО!!!

Деновиве се појавија неколку реакции, главно небитни, дека преку ССО се учеле младите на „разврат“ и „блуд“. Тоа е тој познат локален фолклор и тоа знае и да изнасмее и освежи. А и откако владиката Петар пред некоја година излезе со ексклузивни податоци за смртта на Мерилин Монро од таму е јасно дека може да се чуе сенешто и секаков апел на здравиот разум е лудило само по себе. Просто да му е човек жал ако ги снема.

Но, она што знае да изиритира и манипулирањето на оние кои не смее да не знаат. За човековите права, значењето на образованието во креирањето на информирани и одговорни индивидуи кои нема да бидат манипулирани од стари „строги педагози“, за опасноста од ригидната конзервативност и реките крв кои во историјата протекле по злоупотребата на идеите за Љубовта и Верата (тука ако ми е дозолено ќе го позајмам акронимот на Б. Тричковски за авторот на текстот, слојот и мислењето кои ги претставува).

Веројатно станувам исклучително чувствителна на злоупотреба на талентот и вештината со зборови кои ја заробуваат јавноста во традиционалистички догми, за злоупотреба на мета-нарации и големите теми Љубов, Секс, Вера, Бог, Духовност…за заробување на умот на сите оние кои ве прават „бестселер“ автор.

Колумната е насловена „По(а)рно сексуално образование“ во авторство на Венко Андоновски.

Има неколку нивоа на манипулација: Од една страна не е да е против туку нуди поарно сексуално образование (кое, со мирен, заводлив, змиски јазик го поништува проектот, наводно нудејќи нешто подобро). Од друга страна користи т.н. техника на импонирање, вградување на збор и значење кое е недвосмилени погано и лошо, кој збор со репетитивност има намера да се поврзе и во потсвеста на читателот да го обои поимот сексуално образование: тоа е зборот порнографија и порнографски (повторен пет пати во почетокот на текстот).

Самото реферирање на „порнографијата“ и користењето на терминот (иако во контрадикторни ставови) има тенденца да пробуди познати слики во свеста на читателите кои понатаму нужно се врзуваат со темата за која зборува а тоа е ССО. Перфидно ја протнува сликата за ССО во релација со порно. Иако понатаму наводно се сложува со тезата дека не треба порно-сајтовите да бидат единствениот сексуален „даскал“ и „воспитувач“ на младите ете го веднаш повторно со „Таа (порнографијата м.з.), со она што се продава преку разни НВО кај нас како светски образовен хит, „сеопфатно сексуално образование“ (Comprehensive Sexuality Education), сигурно нема да биде непријател“.

Во главата на читателот уште во првиот пасус поставено е равенство.
И таа техника на создавање слики не е за потценување. Тоа е вештина и талент и често води до ефект подобар од долги и темелни контрааргументации. На слична линија е и ставот на Серван кога вели дека „во меките влакна на мозокот се создава несоборливиот темел на најцврстите империи“.

Градењето на слики во умовите на читателите е форма на создавање идеолошки очила низ кои потоа се перцепира реалноста ( поконкретно ССО). Односот кон реалноста е секогаш низ призма на идеолошките очила (партиски, религиозни, морални…).[1]. Порнографијата е слика, фантазам, низ кој треба да се анализираат сите либерални еманципатоски и современи западно-либерални пристапи во однос на сексуалното образование.

После одеднаш се случува еден скок: од „порнографија“ скокаме во потполно различен дискурс. За Љубовта и Верата.

„Ако до Бога се доаѓа само со срце, а не со разум, тогаш не може да има „наука за Бога“. Ако до љубениот/љубената се доаѓа само со срце (а не со разум), не може да има ни наука за љубовта.  Да сублимираме, сексот бил „техне“ а неговите сфаќања за љубовта не подразбирале таа да се сведе на техника на сексуално комуницирање .(…)  ПРИРОДНО е тие две нешта да се поврзани, а денес се НЕПРИРОДНО („општествено“) разделени. Телесната љубов треба да е продолжение на душата.

Лелееее! Венко, бре, не замарај!

Оваа патетика дека сексот е израз на душата ќе ја искоментираме низ ликот и пораката на Јорге од Името на розата. Сексот, може да биде одвоен, може да биде споен, може да биде некако полуспоен. Сите опции се возможни. На кутриот секс сите комбинации може да му се случат но она што е битно е дека мора да биде обострано прифатен.

А тука на сцена стапува согласноста, која е битна тема на силабусите од ССО и има врска со еднаквоста, еднаквото достоинство на партнерите во сексот и, зошто да не, еднакавиот пристап до задоволство од сексот.

Таа одбивна теза (католичка, ортодоксна, но секако религиозна) на носење ВИНА бидејќи задоволството не било можно ако не е израз на некој повисок морален повик, јасно ја идентификуваме кај лицево и уште појасно ја одбиваме. Кој знае што се може да му се случи на кутрото задоволство во рацете на лицето-автор кој слеп, става отров на листовите од книгите (за сексуално образование). Повторно Јорге од Името на розата за кој смеењето (задоволството како што сака да го пишува со големи букви) е недозволив грев само по себе („одделување на сексот од љубовта“…ССО ќе развива страсти: ќе се занимаваат со сексот издвоен од љубовта…. ќе се занимаваат со „задоволството“. Но такво задоволство издвоено од љубовта може да обезбеди и порнографијата, како и честото менување непознати партнери“)

И конечно ситуацијата во текстот на авторот кулминира:
Тој реферира на Арнолд Тоjнби според кој  „19 од 24 важни цивилизации пропаднале морално и однатре, а не воено и однадвор, токму поради „издвоениот шлаг“ (одвојувањето на расцепувањето на еротското и извлекувањето на страста од љубовта).

По овој момент треба да ги тргнете очите од текстот и да се случи некаква тишина.
После која ќе прснеме во, со Вина оптеретен, но необуздан кикот.

ССО ќе образува во насока на освестување за перфидните форми низ кои се манипулира со љубовта, на ранливоста и несигурноста  и начините на кои идејата за љубов и (понекогаш) целта „да се биде сакан“ може да не направи ранлив пред манипулативните личности. Веројатно личноста освестена за перфидноста на манипулацијата ќе може утре да направи дистинкција меѓу љубовта се што личи на љубов, а не е.
Или конечно, ќе најде самодоверба да излезе од љубовта кога некогаш е еднострана. Или кога боли.
Тука сега јас станувам патетична.

Наредниот параграф му е веројатно клучниот, поентата во текстот.

Фактот дека ССО ќе учи за различните сексуални ориентации. Кога се споменуваат „различни сексуални ориентации“ избива хомофобијата на авторот лоцирана и во неколку прехтодни колумни. Веднаш се појавува конекцијата со порнографијата, различните содржини таму, ужасното омраза спакувана во тнеденциозно прашање Педофилијата уште не е легализирана, за сексот со животни не знам

„Уште“ не е легализирана?
„Уште“ синтаксички и на ниво на значење редовно повлекува едно „но“, и тука суптилно се сугерира дека некој тоа некогаш понатаму би го легализирал. А ССО му го поплочува тој пат. И во овој момент веројатно избива најгрдата манипулација на текстот. За сексот со животни многу добро знае дека не е легализиран.
Текстот овде веќе престанува и да биде перфиден и станува јасно, тенденциозно и одбивно манипулирање.

Откако, очекувано, термините како „педофилија“, „секс со животни“ ги стави во рамка ја спреми сцената за да почне да ни зборува дека се ова се прави за да се прифати и општествено да се етаблира хомосексуалноста. Идејата повторно е создавање на фантазам низ кој ќе се гледа на хомосексуалноста, овој пат на ниво на говор на омраза како тој на анонимни коментари.

Потоа одеднаш БУМ.
Влегуваме во сосема различна дискусија во која тој предлага наслови како „Лолита“ и „Смрт во Венеција“. Одеднаш треба да ни се приопшти и ревоспостави сликата за „слободниот мислител“ оној кој би предложил да се предава „Уметност на Љубовта“ и кој предлага литературни примери  гранични“ ероси, а не порно-примерии одеднаш треба да создадеме слика за „отворениот ум на вештиот со речта академик“.
Не, таа слика ќе ја отфрлиме.
Ќе ја освестиме таа за перфидниот манипулатор кој, конечно, се изјасни со свој тескт долго откако одлуката за ССО како пилот проект е донесена. Човекот кој, во една прилика напиша „хвалоспев“ за фотографија на Оливер Спасовски со серија уметници и кој во таа врска уметник-политичар виде „фотографија на надеж, фотографија на иднината“ (В. Андоновски) се дистанцира од ризикот неговиот текст да има реални последици, па е напишан по (а не пред) донесувањето на одлуката.

И конечно, величањето на мета-нарациите. На „големите и вечни“ теми како Љубовта и Верата. Верата инаку беше ужасно злоупотребена од Мика Алексиќ кој инсистирал на „Оче наш“ пред секој час и секое „педагошко допирање“.

ССО е курс кој во својата варијанта во Холандија, доведе до резултати:  најниска стапка на бременост кај малолетни лица и најнизок процент на сексуално преносливи болести. Слични позитивни резултати во регионов има во Албанија. И конечно однапред се радуваме на развојот на вештини со кои учениците ќе се заштитат од  сексуални притисоци, заплашување и злоставување (АМИН).

И уште еднаш наспроти злоупотребата на Големите мета-нарации.

Ричарт Рорти ја отфрла таа идеја за Големите вредности зад дејствувањето, но пишува за вредности како солидарност, еднаквост, недискриминација, а во дијалог со Другиот, односно „солидарност со страдањето на Другиот“. Емануел Левинас таа идејата ја носи на линија на ослободување, но слобода „во одговорноста кон другиот“.
Она што ме натера да истурам куп енергија и да го напишам овој текст, е моја поддршка за она што го чувствувам како обид да се направи курс кој ќе се фокусира на „себеси и одговорноста кон Другиот“ на начин и во домен во кој е одамна насушно потребен.
Другиот чии приватни податоци не се злоупотребуваат.
Другиот чија слобода е и моја одговорност.
Другиот со чија болка сочувствувам и поради тоа ќе се обидам да не ја предизвикам (со перфидни манипулации, злоупотреба на слики и пораки и сл).

Тука некаде, низ солидарноста, грижата и одговорност, и во однос човек со човек (не во наклон пред Бог) се пројавува, што друго ако не, Љубовта.

Лени Фрчкоска

Zizek, Slavoj. The Sublime Object of Ideology, Verso Books, 1989
Levinas, Emmanuel. Time and the Other, Pittsburg, Duquesne University press, 1969
Рорти, Ричард. Консеквенце прагматизма, Нолит

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close