(ВИДЕО) Нови судири со полицијата на шестиот ден од протестите во Албанија

Протестите во главниот град на Албанија, Тирана, продолжуваат и денеска. Попладнево започна собирањето на демонстрантите во близина на Министерството за образование. Дел од нив, повеќето млади луѓе, носат маски на лицето, а дел не. Со албански знамиња в рака повикуваа премиерот Еди Рама да си поднесе оставка, објави Топ Ченел.

Денешниот протест започна со еден поинаков детал – неколкумина млади играа оро и пееја песни среде улица, пред полициските службеници.

Еден од учесниците на протестот повика да не се врши насилство врз полицајците, а ги повика и вторите да не вршат насилство врз насобраните граѓани. Потоа во знак на револт го скина сертификатот што му бил доделен од поранешната министерка за образование, Беса Шахини, како победник на Олимпијада по историја.

 

 

 

 

 

Но, по неколку моменти спокој, започнаа тензиите и фрлањето камења во правец на полицијата, која сè уште стои во близина на Министерството за образование.

Во насилствата повредена е една новинарка која со амбулантно возило е пренесена надвор од зоната на протестот. Полицијата потоа ги потисна демонстрантите кон центарот, при што дел од нив беа приведени.

Демонстрантите запреа пред седиштето на Социјалистичката партија, каде што започнаа да ја напаѓаат зградата со камења, погодувајќи го и делот кај влезната врата и кршејќи ги прозорците.

Рама: Странски актери и екстремискички групи се вмешани во протестите

Во меѓувреме, албанскиот премиер Еди Рама изјави дека властите неутрализирале дрон со експлозив, за кој тврди дека бил насочен кон владината зграда во Тирана. Неговата изјава доаѓа во момент кога главниот град на Албанија се соочува со неколкудневни протести, кои ескалираа во насилни демонстрации и судири со полицијата.

Рама во своето обраќање обвини дека странски актери и екстремискички групи се вмешани и ги поттикнуваат насилните антивладини протести. Ги посочи Русија, Иран, движењето „Антифа“, политичките и верските екстремисти, како и лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, како дел од сложена мрежа на влијанија што ги поттикнуваат демонстрантите. Нивната цел, според Рама, е да поттикнат насилство и да шират дезинформации.

Шести ден протести

Насилните протести во Албанија траат веќе шести ден. Тие се дел од сè поширокото движење кое сака да го прекине 13 години долгото владеење на премиерот Еди Рама. Нередите се досега најголема закана за него. Тој е на власт од 2013 година, а минатата година на изборите освои четврти мандат.

Новите демонстрации следеа по месеци главно мирни протести поради планот за изградба на луксузно одморалиште на недопреното јужно крајбрежје на Албанија. Зад тој проект стојат инвеститори меѓу кои е и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Од почетокот на немирите во Албанија, кои освен во Тирана се случуваат и во други градови, се повредени вкупно 207 лица, од кои 58 демонстранти, 132 полицајци и 17 случајни минувачи.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close