Детали за крвавиот напад во стан во Карпош: Еден ја покажал локацијата и шифрата од зградата, другите двајца нападнале со нож


Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против тројца државјани на Турција осомничени за обид за убиство во стан на улицата „Прашка“. Двајца од осомничените биле приведени при обид да ја напуштат државата преку граничниот премин Блаце, додека третиот успеал да избега на Косово.

Според Обвинителството, тројцата се осомничени дека како соизвршители учествувале во кривично дело убиство во обид. Еден од нив им помогнал на другите двајца, одведувајќи ги до зградата во која престојувале двајца турски државјани и откривајќи им ја точната локација и шифрата за влез.

Осомничените влегле во станот и со повеќе убоди со нож се обиделе намерно да го лишат од живот едниот од оштетените. Другиот турски државјанин се обидел да ги спречи, но и тој бил повреден во раката.

По нападот, тројцата осомничени се обиделе веднаш да ја напуштат Македонија преку граничниот премин Блаце. Двајца биле запрени и приведени, а надлежниот јавен обвинител за нив поднел предлог за определување мерка притвор.

Третиот осомничен, за кого се наведува дека им помогнал на другите двајца, според информациите од граничните власти успеал да избега на Косово. За него обвинителот предложил определување притвор по пронаоѓањето и лишувањето од слобода, со цел да биде распишана меѓународна потерница. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close