Јаневска за полагањето матура: Кој ќе препишува губи цела година

Денеска започна полагањето на државната матура за учебната 2025/2026 година, за која се пријавени вкупно 14.587 матуранти. Со овие испити тие го заокружуваат средното образование и стекнуваат услов за упис на факултет или излегување на пазарот на трудот.
Полагањето се спроведува во матичните училишта каде што се обезбедени сите услови, додека дел од учениците, по барање на училиштата, тестовите ги полагаат во амфитеатрите на најблиските факултети.
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска, утрово го посетија Економскиот факултет во Скопје, каде полагаат учениците од СУГС „Васил Антевски – Дрен“.
Јаневска на сите матуранти им посака успех и истакна дека годинава матурата се реализира според нова Концепција која предвидува државна, стручна и уметничка матура.
„За првпат државната матура се спроведува според новата Концепција која предвидува државна, стручна и уметничка матура. На овој начин учениците ќе бидат тестирани според наставните содржини што реално ги изучувале во текот на средното образование, што претставува значаен исчекор кон поголема правичност и еднакви можности за сите матуранти“, изви Јаневска.
Матурантите денес го полагаат првиот од двата екстерни испити – странски јазик, математика или историја, додека вториот екстерен испит, по мајчин јазик, ќе се реализира на 11 и 12 јуни. Министерката апелираше на регуларност при процесот.
„Очекувам процесот да помине во најдобар ред и во фер атмосфера. Заедно со училиштата, тестаторите и набљудувачите работевме на создавање услови за регуларно спроведување на испитите. Ги повикувам учениците да се потпрат на сопственото знаење, бидејќи секој обид за препишување носи сериозни последици и може да го одложи стекнувањето на дипломата за цела година“, нагласи министерката.
Директорката на ДИЦ, Михајловска, информираше дека 12.184 ученици полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 се пријавени за државна уметничка матура. За процесот се ангажирани околу 2.500 тестатори и 200 набљудувачи.
„Организацијата на државната матура според новата Концепција, бара поголем ангажман, но Државниот испитен центар во координација со министерството и училиштата успешно ќе одговори на предизвикот, во чиј фокус се интересите на учениците“ изјави Михајловска.





