Апелација му ја намали казната на Боки 13 за „Рекет“, од девет на пет години

Апелација му ја намали казната на осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 од девет на пет години затвор, дознава „Скопје1“. Судиите ја донеле пресудата поради нови околности кои довеле до поблага осуда. До нив била доставена обемна медицинска документација на осудениот, потпишувана од различни професори и доктори, како и од различни државни болници. Со ова, Јовановски е осуден на казна затвор од пет години, а за доиздржување има уште неколку месеци.

Судиите разгледувале медицински-конзилијарни мислења, во кои се опишувала здравствената состојба на осудениот. Со нив, освен што се констатирало дека Јовановски не може да биде лекуван зад решетки поради тоа што затворот нема ниту терапии, ниту доктори, ниту услови, таму се нотирало и дека тој има инвлидитет бидејќи му е отстранет најголем дел од желудникот и тенкото црево. Во документацијата имало и извештаи за неговата состојба, по како што се наведува, две живото-загрозувачки операции додека бил во затвор, а дека сега има интестинална метаплазија, што може да резултира со гастричен-карцином. Нетретирањето на ваквите состојби, според докторите, можат да доведат фатални последици.

Судиите пред нив имале неколку опции за постапување, при донесување на одлуката. Па така, можеле да ја преиначат претходната пресуда во однос на санкцијата (што и го направиле), да ја ублажат веќе изречената казна, да одредат колку ќе се изврши од претходно определената казна.

Јовановски-Боки 13 беше осуден на девет години за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари“. Интересно е дека за делото „примање награда за противзаконито влијание“ беа осудени и Сашо Мијалков во „Титаник 2“ каде доби две години затвор (делото му застари), Никола Груевски во случајот „Тенк“ каде доби исто така две години затвор, врховниот судија Наќе Георгиев кој се спогоди за три години затвор, членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети кој се спогоди за условна осуда.

Сторувањето на кривичното дело „перење пари“, кај Јовановски, го спореа и Коалицијата за правично судење во нивната студија, со тврдење дека не е исполнето битието на делото.

„Нејасно е зошто купувањето на материјални добра со илегално стекнати пари е класифицирано како кривично дело од чл. 273 став 1 од КЗ, бидејќи таквото дејство, само по себе не го исполнува битието на казненото дело перење пари. Доколку тоа би било така, во тој случај и обвинетиот кој извршил кривично дело кражба и украл пари за да купи храна или облека би требало да биде обвинет како за кражба, така и за перење пари, бидејќи храната ја купил со илегално стекнати пари, односно истите ги пуштил во оптек“, се вели во студијата.

Коалицијата го спореше квалификацијата на делото, нееднаквиот пристап на одбраната и на Обвинителството до доказите, за вештачењето на телефонот на Боки 13 и друго.

Јовановски и моментално е на лекување.

Back to top button
Close