Јапонскиот писател Харуки Мураками за првпат со женски главен лик во новиот роман

Следното дело на јапонскиот писател Харуки Мураками, кое во Јапонија ќе биде објавено во јули, за првпат ќе има женски главен лик, соопшти неговата издавачка куќа Шинчоша.

Во книгата „Приказна за Кахо“, главен лик е авторката на книги за деца Кахо. Таа еден ден среќава непознат човек кој ѝ вели: „Да бидам искрен, никогаш не сум видел некој што е толку грд како вас.“ Според синопсисот, Кахо (26), која не е ниту неверојатно убава ниту интелигентна, но поседува прилично изразена љубопитност, е повеќе изненадена од таа непримерна забелешка отколку што е лута или шокирана. „Што сака овој човек да ми каже?“, се прашува младата жена пред да почнат да ѝ се случуваат „чудни настани“.

Станува збор за првиот роман на авторот со женски главен лик, објави издавачката куќа на својата интернет-страница.

Седумдесет и седум годишниот автор редовно се споменува како кандидат за Нобелова награда за литература. Својот последен роман „Градот и неговите несигурни ѕидови“ го објави во 2023 година во својата држава.

Back to top button
Close