Арсовска крена раце од 250-те автобуси. Касата била празна
Годинава нема да почне ниту постапката за набавка на 250 еколошки автобуси, кои во изборната кампања ги вети градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Во буџетот за 2022 година не се предвидени пари за оваа намена, а Градот не може ниту да земе кредит бидејќи веќе е задожен.

Постапката за набавка на нови автобуси трае најмалку година и половина, со оглед на тоа дека прво се распишува тендер за избор на најповолен понувач која трае неколку месеци, а потоа до една година е рокот за испораката на возилата. Како за пример, рокот за испорака на 33-те автобуси од германскиот производител МАН беше 10 месеци. Постапката почна во јануари 2019 кога беше потпишан договорот за заем од ЕБОР, потоа неколку месеци траеше меѓународниот тендер за избор на фирма, по што во мај 2020 стигнаа првите нови возила за јавниот превоз.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска велат дела годинава не можат да се купат автобусите, оти Градот го наследиле со многу долгови.Градоначалничката Арсовска во декември на брифинг со новинарите кажа дека од донатори ќе се бараат средства за купување на автобусите.
Арсовска во кампањата покрај нови 250 автобуси вети и бесплатен превоз за сите граѓани. Ниту тој годинава нема да се воведе, туку за две години оти и јавното претпријатие ЈСП Скопје, како што кажа градоначалничката, се наоѓа во лоша состојба и мора прво да се консолидира.




