Авганистанските власти ослободија 2.463 затвореници
Авганистанските власти ослободија 2.463 затвореници пред празникот Рамазан Бајрам, еден од најважните празници за муслиманите, објави локалната телевизија Толо њуз.
Затворениците беа ослободени врз основа на декрет на врховниот лидер на привремената влада, Мавлави Хибатула Ахунџада, а затворениците, кои имаа релативно полесни казни, беа ослободени од затворите во 34 авганистански провинции, се вели во извештајот.
Врховниот суд на Авганистан на платформата Икс објави дека „2.463 затвореници кои ги исполнувале условите за амнестија се ослободени, додека 3.152 други добиле намалување на казната“ врз основа на декрет на врховниот лидер на Талибанците. Ослободувањето на затворениците осудени за помали кривични дела е вообичаена практика во пресрет на Рамазан Бајрам.