„Јавна соба“ затворена, се трага по креаторите

 Групата „Јавна соба“ во која над 6500 членови споделуваа фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, синоќа е избришана на социјалната мрежа Телеграм. Во меѓувреме, продолжува истрагата за креаторите на групата, а веќе се приведени четири лица, од кои две од Битола, едно од Велес и едно од Штип. Надлежните апелираат на внимателност бидејќи на Телеграм има и друга слична група за која исто така се постапува.

Премиерот Зоран Заев и минитсерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го поздравија чекорот на платформата Телеграм и порачаа дека оние што го прекршиле законот ќе бидат казнети. Заев и Спасовски, претходно, се заканија дека е можно блокирање на Телеграм во земјава ако платформата и натаму остане глува на барањата на полицијата и обвинителството за бришење на „Јавна соба“.

– Телеграм или ќе ја затвори групата, или земјата ќе ја блокира оваа социјална мрежа, најави вчера премиерот Зоран Заев. Истакна дека до социјалната мрежа Телеграм се испратени категорични барања да ја избрише групата „Јавна соба“. Ако не го сторат тоа, Заев најави дека е можно да се блокира апликацијата.

– Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела, истакна премиерот.

Тој изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека веднаш ќе одговорат на нивните бројни барања и ќе почнат да соработуваат. Заев упати охрабрувачка порака за жртвите на тоа насилство, нагласувајќи дека ги преземаат сите неопходни чекори да ги заштитат и да се казнат сторителите.

Back to top button
Close